1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските филмови тешко се продаваат во светот

Сузана Тодоровска-Павлоска17 јуни 2012

Македонските филмови ретко се прикажуваат пред светската публика. Освен учество на фестивали, филмовите не се на редовен кино репертоар.

https://p.dw.com/p/15Geh
Фотографија: Fotolia

Успехот на македонскиот филм „Трето полувреме“ да влезе во портфолиото на американската дистрибутерска компанија „Литл филм“, која ги купи меѓународните права за дистрибуција на филмот во Европа и САД, се должи на „квалитетот на продукцијата, но пред сè на приказната“, вели продуцентот на филмот Роберт Насков.

Во Македонија можат да се продуцираат големи филмови

Mazedonisch
Роберт НасковФотографија: DW

„Овој филм има универзална тема која се базира на вистински настан. Всушност, во „Трето полувреме“ има три теми - фудбал, холокауст и пред сè љубов, онаа која ги менува животот и начинот на размислување во едно време, пред 60 години... Сите компоненти во филмот - продукциската вредност, дизајнот, режијата, се важни за еден ’сејлс-агент’ да сака да го има во својот кластер на продажба на филмови“, вели Насков.

„Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски е првиот македонски филм кој добива застапник на правата за продажба на маркетот на Канскиот филмски фестивал. Продуцентот Насков смета дека ова е од особено значење за успехот на филмот во светот, за режисерот, за продуцентската куќа, но и за промоцијата на Македонија како земја со поволни услови и ниски даноци за филмска продукција.

„Во светот ќе се слушне за македонски филм, за она што се случувало во Македонија и за нешто што е снимано тука. Македонската влада, Филмскиот фонд, Друштвото на филмските работници со поттикнувањето на странските филмски професионалци да дојдат во Македонија – тоа е  синџир кој може да придонесе Македонија да стане интересна земја за снимање филмови“, вели Насков.

Го свртеа светот: „Пред дождот“, „Јас сум од Титов Велес“, „Панкот не е мртов“

Македонските филмови со неколку исклучоци, ретко се прикажуваат пред пошироката светска публика. Освен учеството на филмските фестивали, тие не можат да се пофалат со успешен кино живот надвор од границите на Македонија. „Ништо не ги продава македонските филмови“, категоричен е директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески.

Darko Basevski
Дарко БашевскиФотографија: DW

„Најуспешен филм ни е ’Пред дождот’, но последен најуспешен филм е ’Јас сум од Титов Велес’, кој имаше кино дистрибуција во 13 земји - Канада, САД, Европа... Учествуваше на 90-тина фестивали, добиваше награди, иако кај нас имаше мала гледаност. Филмот не е комерцијален, но сепак во светот покажа дека е успешен. ’Панкот не е мртов’, кој минатата година ја доби наградата на фестивалот во Карлови Вари, до денес освои уште 10 други награди. И со учеството на 30-тина фестивали, овој филм станува нов успешен филм“, објаснува Башески.

Продуцентите треба сами да ги „туркаат“ филмовите во светот

Berlinale 2012 Mazedonisch
Сестрите Митевски ги користат своите контакти за учество на светските филмски фестивалиФотографија: DW

„Она што се продава е комерцијален филм направен за голем пазар - комедија или акција, на англиски или француски јазик, на пример, каде што парите можат да се вратат од киноприкажување, дистрибуција, ДВД. Треба многу работа за успехот на еден филм“, вели тој.

Добро сценарио, режисер, агент за продажба, продукција, учеството и наградите на фестивалите од А категорија се главните адути за успехот на филмот. Башески смета дека нема потреба од стратегија за светски пласман на филмовите, туку дека продуцентите треба да работат на промоцијата на своите филмови. Тој е незадоволен поради незаинтересираностa на голем број продуценти да аплицираат во „Еуримаж“ или во другите европски фондови важни за нивните филмови.

Потребен е македонски филмски дистрибутер за другите земји

Според продуцентот Владимир Анастасов од „Сектор филм“, филмот не го продаваат само квалитетната продукција и постигнатиот фестивалски успех. „Потребен ни е македонски агент за продажба односно дистрибутер на македонските филмови во другите земји. Кај нас нема некој кој ќе го ’турка’ филмот надвор од Македонија. Дистрибуцијата на филмови е бизнис“, изјави Анастасов.

Ангелов: Тешко излегуваат на светскиот пазар, но филмовите не се лоши!

Проблем со дистрибуцијата во светот имаат и другите европски филмови.

Filmregisseur Milcho Manchevski
Најуспешен македонски филм е „Пред дождот“ на Милчо МанчевскиФотографија: by-sa Milcho Manchevski

„Доминацијата на холивудските филмови ја наметнува идејата за глобална дистрибутерска стратегија. Секако, мора да имаш добар филм и да учествувал на фестивали“, вели филмологот Владимир Ангелов.

„За добар филм не треба да бараш дистрибутер. Тој ќе те најде тебе! И авторите и продуцентите треба самите да се изборат за своите филмови. За успехот на своите филмови Милчо Манчевски или Теона Митевска, сигурно ги користат и личните врски! Сè главно останува на личната иницијативност. Во последните пет години кај нас се снимија 4-5 извонредни филмови. Но, со завршувањето на филмот - не завршува сè“, дециден е Ангелов.

Француската компанија „Урбан Дистрибуција“ неодамна ги откупи светските права за дистрибуција на филмот „Жената која си ги избриша солзите“ на Теона Митевска. „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и по речиси две децении сè уште „освојува“ публика - неодамна во Бразил, а во Јапонија беше објавен на ДВД. „Прашина“ и „Мајки“ продолжуваат да го обиколуваат светот.