1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските „умни“ глави не ги користат шансите

1 ноември 2011

За отсуството патенти во Македонија виновно е непознавањето на погодностите кои ги носи меѓународната регистрација. Заштитата на марки во прехрамбената индустрија е условена од количините и стандардизирано производство.

https://p.dw.com/p/12zVM
Иновациите се клуч за иднината!Фотографија: Fotolia/Visual Concepts

Македонските „умни“ глави не ги користат шансите кои ги дава државата за заштита и материјализирање на нивните инвентивни решенија. Заради ова и не е чудно што во светот нема многу патентирани производи, технологии и трговските марки кои ја имаат ознаката МК. А, „шанси и услови ваквата состојба позитивно да се промени има“, вели Дојче веле М-р.Ирена Јакимовска, раководител на Секторот за патенти, технолошко набљудување и промоција на Државниот завод за индустриска сопственост на Македонија која учествуваше на конференцијата на европската организација што се оддржа во Берлин.Таа вели дека и во земји кои имаат традиција во регулативата, во актуелниот миг на глобализација е многу тешко да се заштитат новите решенија. Поточно, информациите патуваат брзо, лесно се копираат и доколку не се заштитени многу едноставно се крадат од нивните автори. И Македонија, која од 2009 е член на Европската патентна организација, последниве години донесе голем број позитивни прописи во делот на заштитата и субвенционирањето на пронајдоците, марките и новите дизајни. Идејата е фирмите да се мотивираат да инвестираат во истражување и развој, што резултираат со нови технологии, кои пак на пазарот стасуваат во форма на иновација. За заштитата на новото, Министерството за економија субвенционира дел од трошоците за поднесувањето на меѓународната пријава за патентн, со што автоматски решението станува достапно и се олеснува патот за пласман до заинтересираните домашни или странски фирми.

Промоција и даночни олеснувања

„Во изминативе три години, откако постои оваа регулатива, многу малку се искористува делот за патенти. Имаме само 5 субвенции дадени за нов индустриски дизајн. Ова значи дека патентите стагнираат“ , вели Јакимовска според која причината за ваквата состојба е недоволната информираност не само за субвенциите што ги дава владата, туку и за сите придобивки кои потоа следуваат. А нив ги има, зашто новите решенија освен што добиваат промоција, овозможуваат стекнување нови клинети, а освен тоа за технологијата и производите добиени врз основа на патентот, има и даночни олеснувања. Во еден ваков круг автоматски се стимулира вложувањето во иноваторството, новите технологии и трговските марки.Значи, останува само физичките и правните лица погодностите да ги искористат.

Факт е меѓутоа дека македонските иноватори се редовно присутни на меѓународните изложби. Згора на тоа често и се фалиме за добиените награди и медали. Што се случува со новите решенија? Остануваат ли на хартија или се ефектуираат? Ги бара ли некој или не?

„Порано, на различните саеми македонските иноватори се претставувале стихијно и индивидуално. Така се случувало различни технолошки решенија да бидат преземени во четири очи меѓу претставниците на странските фирми и авторот. Ова беше на пример случај со еден македонски иноватор кој замина во Америка со иновацијата за брисачи за автомобили. Има и други примери за кои е непознато дали иноваторите навистина и го добиле заслужениот надоместок за нивното решение, но е јасно дека државата, ама баш немала никаква корист од нивниот ангажман. Сега е поинаку “, објаснува Јакимовска која како пример ги посочува повеќето заштитетни пронајдоци од медицината за кои интересирање покажале и странски клиники. Станува збор за оддредени постапки при „оплодување ин витро“, во кои со користење јонизиран воздух резултатите биле многу подобри. Професорката која била ангажирана во решението, била повикана на многу универзитети да говори за својата постапка, а зголемен е бројот пациентки на клиниката каде иновацијата е реализирана. Друг пример се и пречистителните станици за вода кои се користат во повеќе соседни држави, а биле предмет на награден македонски иноватор кој добил признание на една меѓународна манифестација.

Заштитената марка во винарството и земјоделството

Колку е значајна заштитата на марката или решението, се покажа лани со македонското вино. Јакимовска потсети дека станувало збор за виното во чија декларација стоело дека е производ од Македонија. И тука се покажа дека голема штета може да предизвика непознавањето на регулативата на индустриската сопственост и тоа во делот на географските називи. Вели дека различен е третманот на земјата на производство и името на географското потекло на виното. Жално е што за испочитување на оваа регулатива во делот на производството на виното мора да стои референцата на нашата земја место уставното име. Но, затоа пак, географскиот регион на потеклото на виното се обележува со вистинските имиња: Тиквеш, Демир Капија, Повардарие и слично.

Сличен проблем пред неколку години имаше и македонската прехрамбена индустрија. Тогаш сите беа вџашени кога се слушна дека Словенија како свој производ го заштитила ајварот. Јакимовска кажува дека тоа бил обид ајварот да се регистрира како словенечка трговска марка. За среќа неуспешен, зашто македонските претставници од Заводот издејствувале ајварот во номенклатурата да биде внесен како име на вид производ од пиперки, кој секој може да го користи, но никој на него нема ексклузивно право. Слично на пример како чоколадото кое е вид производ, а не е предмет на заштита на трговска марка чија ексклузивност ја носат имињата како Нестле, Милка, Краш! Ајварот и порано и сега го произведуваат фирми и од Македонија, но и од Србија, Турција, Хрватска. Тие преку нивната трговска марка го дефинираат квалитетот и прифаќањето или неприфаќањето од страна на потрошувачите.

Како до екслузивни МК производи?

Вистина е дека потрошувачите имаат различни вкусови. Но, како да се погоди вистинскиот и што треба да направи Македонија за да обезбеди свои ексклузивни и препознатливи марки , пред се’ во сферата на прехрамбената индустрија која полека, но сигурно си го пробива патот до домашните и странските потрошувачи.

„Многу е тешко во едно балканско опкружување да се раздели чие е чиво и да се пласира нешто како свое и ексклузивно. Но, Македонија може да стане на пример ексклузивна со своите подготовки на сирења или сирења и зеленчук, кои се многу барани на странските пазари. Единствено треба да обезбеди унифицирано производство и доволно количества.Бариера за пласманот сега е нестандардното производство кое се среќава токму и во производи со заштитетено географско име. Значи, оние кои стојат зад продукти со заштитено географско име, мора да произведуваат врз основа на сертификати или елаборат за изработка кои ќе го гарантира стандардот. Кога купуваме на пример Галичко сирење, квалитетот варира од канта до канта иако станува збор за ист производ. Ова не се толерира на европските пазари. Затоа се прават напори да се направат стандарди, сертификати, елаборато кои го опишуваат процсот на производство со што секоја количина која би била пласирана на пазарот би го имала истиот квалитет“, објаснува Јакимовска.

Или, тетовскиот грав. Знаеме колку е добар, но и кога купуваме од еден ист проиводител никогаш не сме сигурни каков ќе биде финалниот производ. „Државниот завод за индустриска сопственост заедно со Министерството за земјоделството прави напори да се изнајде автохтона сорта грав за која ќа се изјаснат дека таа е онаа вистинската, која би се заштитила, а земјоделците би се анимирале само неа да ја одгледуваат. Така би се обезбедило стандардно и доволно големо производство за задоволување на потребите на домашниот и странскиот пазар. За вакви активности е дозволено користење на европските фондови“ подвлече М-р. Ирена Јакимовска, раководител на Секторот за патенти, технолошко набљудување и промоција на Државниот завод за индустриска сопственост на Македонија.

Автор: Силвера Падори-Кленке

1
Шанса имаат и преработките од сирење - доколку се според стандардите произведени...Фотографија: DW
Streulicht-Nahfeldmikroskop
Патентите се исплатливи и за авторите и за државата!Фотографија: GSHW
Irena Jakimovska
Македонија има прописи за стимулирање на иноваторството! М-р.Ирена ЈакимовскаФотографија: DW

Редактор: Симе Недевски