1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските туристи не се плашат од кризата во Грција

Горан Петрески11 јуни 2012

Секоја година неколку стотици илјади граѓани од Македонија летуваат во Грција. Омилената летна дестинација не ја менуваат ниту сега кога кулминира кризата кај јужниот сосед.

https://p.dw.com/p/15BqF
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Младиот скопјанец Андреј излегува од една туристичка агенција во центарот на градот, задоволен оти за неговото семејство обезбедил поволен аранжман за 10 дневно летување. Во Грција во некое место на Халкидики на првиот крак. Со оглед на тоа што ќе замине на крајот од јуни пред сезоната да влезе во својот шпиц не планира да потроши повеќе од 700 евра за овој годишен одмор. Вели дека со години летува во јуни, кога аранжманите се поповолни и се разбира незаменлива дестинација е Егејот.

Позната и лесно достапна дестинација

„Грција е наједноставна и најефтина опција. Добро ја познавам, блиску е, немам добар автомобил, ама 300 километри ги минувам брзо - за 4 до 5 часа сум на море. Има револт поради новото вето во Чикаго, ама сепак најефтино и наедноставно ми е да летувам во Грција“, објаснува Андреј.

Ниту годинава, кога поради должничката криза, која предизвикува политичка нестабилност во земјата, туристите од Европа масовно ги откажуваат аранжманите во Грција, македонските граѓани не ја менуваат својата омилена летна дестинација.

Griechenland Wirtschaft Tourismus
Туристичките работници тврдат дека е заблуда мислењето оти одморот во Грција е најефтинФотографија: picture-alliance/chromorange

Заблуда дека во Грција е најефтино

Најголем број од македонските летувалци и годинава ќе слушаат сиртаки и ќе мезат цаѕики. Дека интересот за Грција е најголем  потврдуваат и во туристичките агенции.

„Тоа се должи на цената и близината на Грција. Цените се пониски, Халкидики е многу блиску“, објаснува Сузана Зелениковска од Фибула и додава дека е заблуда впечатокот на граѓаните оти најефтино можат да истераат одмор во Грција.

„Граѓаните мислат дека поефтино ќе поминат во Грција, ама кога ги споредуваме трошоците излегува дека во Турција е поефтино. Меѓутоа нашите граѓани чекаат специјална понуда, сместување во апартмани, носат храна од тука, се мачат“, вели Зелениковска.

Со храна од дома за четири часа на море

Андреј не крие дека своето југо ќе го натовари со храна од Македонија. Тврди дека пресметал точно оти со парите за зелен картон, за гориво и сите останати трошоци Грција е најисплатливата варијанта за летување на море.

Rhodos - Festung in Lindos
Плажа на грчкиот остров РодосФотографија: picture-alliance/Friedel Gierth

“Немам каде да одам на друго место, имам мало дете, Бугарија е далеку, да патуваме со авион неможам финансиски да си дозволам“, вели тој.

Европејците откажаа стотици илјади аранжмани во Грција, но тоа не е доволна причина Грците да ги спуштат цените. Во туристичките агенции ги отфрлаат информациите дека цените на некои од аранжманите за годинава се пониски за 30 проценти, бидејќи, како што велат, цените за хотелско и приватно сместување биле договорени уште лани.

Според официјалната статистиката лани, во јуни и јули границата со Грција ја поминале 400.000 македонски граѓани - 176 илјади во јуни и 230 илјади во јули. Ако се смета дека просечниот македонски турист за 10-дневен одмор троши по околу 300 евра, излегува дека Македонците минатото лето во Грција оставиле повеќе од 100 милиони евра.