1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските сезонски работници аргатуваат на црно

23 август 2011

Според евиденцијата на ССМ, меѓу 12 и 17 илјади македонски граѓани секоја година по пет до шест месеци со сезонска работа или аргатување во земјоделството мачно го заработуваат својот леб.

https://p.dw.com/p/12CWX
Сезонски работници кај Башино Село во близина на ВелесФотографија: DW

Сезонските работници во Македонија треба да бидат третирани како и останатите работници. Според Ангел Ѓорѓиев раководител на Центарот за вработување во Велес, работодавците треба да ги пријават сезонските работници независно дали тоа е на определено или неопределено. Според Ѓорѓиев секое непријавување претставува повреда на законот за работни односи и треба да се санкционира со високи казни и до 20 илјади евра. Тој потсетува дека Државниот инспекторат за труд треба да врши континуиран надзор врз работодавачите и да го спречи работењето на црно.

Според информацијата од Министерството за труд и социјална политика дадена писмено за Дојче Веле, Државниот инспекторат за труд во текот на 2010 година во дејноста земјоделие имал извршено 315 надзори. Инспекторите за труд за сторените повреди на законот поднеле шест барања за поведување на прекршочна постапка. На новинарско прашање, тие ни одговорија дека Државниот инспекторат за труд не изрекува глоби, туку тоа го правела Комисијата за прекршоци која била именувана од страна на министерот за труд и социјална политика.

Според работодавците здружени во Конфедерацијата на работодавци, тоа не е така. Нивното ланско истражување покажало дека и самите сезонци инсистирале да не бидат пријавени. Според него, голем дел од нив биле пензионери, невработени лица или корисници на социјална помош, кои се плашеле дека поради сезонската работа ќе ги изгубат државните недоместоци, како социјална парична помош или пензија.

Без пензија по 22 години работа

Но, најтешко им е работниците кои работат сезонски и над 20 години, а не се пензиски и здраствено осигурени. Една од многуте сезонски работнички, која работи во еден од поранешните големи македонски земјоделски комбинати сега продадени на газди, а која сака да остане анонимна поради стравот да не биде избркана, огорчено ни изјави дека сезонец е 23 години, а има стаж од само две години. „22-23 години работам, а немам никакви права, не сум ни осигурана, ништо немам. Додека можам ќе работам, после ништо немам, никакви права немам. И да барам нема. Само и ние не се буниме, страв ни е да не не избркаат и од таму и нема каде да работаме. Немаме никакви права, не сме осигурани, а од платава на парите ни запираат, од која причина и за што не знам. Меѓу себе жените се прашуваме, а никоја не оди да праша кај што треба кај газдите, од страв никоја не оди‘‘.

Mazedonien Saisonarbeiter bei Basino selo
Фотографија: DW

Згрозува фактот што и покрај укажувањата на надлежните, работодавците ги тераат сезонските работнички да работат на летните горештини и после пладне. Работничките огорчено велат дека на работа без итна здраствена помош остануваат и нивните колешки на кои поради претоплото време на над 40 степени целзиусови им се слошило или колабирале.

„Ако се разболиш, никому ништо, гајле му е. Дури и ако таму падне жената, бидејќи е многу жешко во оранжериите, ќе падне ќе се онесвести или нешто ќе и’ се случи, работодавците дури и не викаат брза помош да дојде да ја однесе. И ќе дреме таму, ќе седи и ќе гледа и после со работниците назад ќе се враќа, ретко некој да ја донесе, воопшто не им е гајле. Работиме и во најголема жештина, сега до крајот на целото работно време до 13 часот, сме во парцели‘‘.

Синдикатот ги повикува сезонците да се зачленат

Сојузот на синдикатите на Македонија преку својот Агросиндикат ги повикува сезонските работници да станат нивни членови за да може да ги штити нивните права. Живко Даневски, претседател на Агросиндикатот, за Дојче Веле појаснува што за сезонските работници во земјоделието и прехранбената индустрија ќе значи гранскиот колективниот договор, што тие го потпишаа на 7 јули годинава. „Тоа значи дека тие што ќе станат членови и таму каде што имаме колективен договор, работниците имаат право на најниската плата од 7.350 денари и да ги остварат и другите права од колективниот договор. Со формирање на новата Влада ќе бараме измени и дополнување и во Законот за работни односи, а исклучиво да се третира прашањето на сезонските работници. За жал во Република Македонија не сакам да го употребам терминот на црно, работат многу работници кои не се згрижени ниту социјално, ниту пензиски, ниту здраствено‘‘.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Борис Георгиевски