1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските писатели чекаат квалитетен превод

2 јануари 2012

Македонија има автори кои успешно можат да бидат презентирани во странство, но државата треба да формира Национална агенција за книги и Национален фонд за превод за да го помогне издавањето на нивните дела.

https://p.dw.com/p/13bNK
Македонските автори недоволно познати во странствоФотографија: DW

Македонската литература е малку застапена во земјите на Југоисточна Европа и германофонските држави, не онолку колку што ние би сакале, истакна за Дојче веле, Роберт Алаѓозовски од издавачката куќа „Готен‘‘. „Сега со помош на фондот ’Традуки’ којшто поддржува превод на германофонските држави и во Југоисточна Европа, десетина автори добија шанса да бидат преведени. Некои се преведени на хрватски, некои на словенечки, бугарски, српски, а некои на германски, некои луѓе добија шанса. Меѓутоа, тоа се‘уште не е онаа структурна соработка во којашто интересот за македонската литература ќе биде голем‘.“

Венко Андоновски, еден од најдобрите македонски писатели, исто така смета дека македонските автори се многу малку застапени во овие земји. „Значи, слабо функционираме со таа јазична зона. Јас конкретно немам ниту едно дело преведено на германски. Постои еден превод кој лежи во фиока меѓутоа не може да се најде издавач. Повеќе гравитирам и имам успех со словенските земји, со тоа што беше бивша СФРЈ. Имам добри контакти со Русите, со Французите, но нагоре некако тешко се пробивам‘‘, вели Андоновски.

Mazedonien Flagge Leipzig Buchmesse
Македонското знаме на саемот на книгата во Лајпциг (архива)Фотографија: DW

Катица Гаровска Ацевска, преведувач, смета дека за промена на ваквите состојби државата мора под итно да изгради стратегија како ќе ја презентира својата литература надвор. Еден од начините е основањето на таканаречените резиденции за литература, а во кои писатели и преведувачи можат да се запознаат со литературата на дадена земја, а потоа ќе се мотивираат да преведат дела од нејзини автори.

Министерството за култура итно да формира Фонд за преведувачи

Според писателот и академик Влада Урошевиќ, македонското министерство за култура треба да формира Фонд за преводи од македонска литература. „Тој фонд треба да ги помага преведувачите. Се разбира, тој преведувач мора да докаже дека направил добар превод. И попатно речено, мислам дека тие преведувачи треба да ги наоѓаме во странство. Нашите студенти по англиски по француски сигурно дека се добри познавачи на јазикот. Но тие никогаш не можат да го имаат оној осет за јазикот како еден роден Французин или еден Англичанец‘‘, смета Урошевиќ.

Анита Јованоска, портпарол на Министерството за култура, за Дојче веле ни даде усно и писмено појаснение за активностите на министерството на овој план во кое меѓу другото се вели. „Министерството за култура во септември годинава промовираше капитална едиција од 130 тома македонска книжевност на англиски јазик од современи македонски автори и писатели. Освен на англиски, овие дела во иднина ќе бидат преведени и на француски, германски, руски и други јазици. Во оваа прилика ги охрабруваме издавачите да конкурираат со преводи на македонски јазик на странски јазик, бидејќи во буџетот на издавачката дејност има посебен дел за таа намена.

Алида Бремер од берлинскиот фонд „Традуки‘‘, кој финансира вакви и слични проекти за превод, посочи-Македонија не треба ништо да измислува туку да види што на тој план се прави во странство, а во прв план да формира Национален фонд за превод. „Одлично е тоа што македонското министерство има желба нешто да направи, но ако преводите тука ги направат студенти, тоа слободно можете да го фрлите во ѓубре. Значи, ќе основате ваков фонд за превод и со тоа издавачи од рејтингот на ’Галимарди‘’ и други ќе ги мотивирате да преведуваат македонски автори во странство“.

Mazedonien Leipziger Buchmesse
Македонскиот писател Влада УрошевиќФотографија: DW

Бремер посочи дека државата итно мора да формира независна Национална агенција за промоција на книги по примерот на ЈАК на Словенија. Во неа млад тим на стручњаци ќе прават добра интернет и друг вид на најсовремена презентација на македонските автори.

Добар маркетинг е клучен за успех

Бремер посочи дека Македонија има добри автори како Никола Маџиров, Гоце Смилевски, Лидија Димковска и други кои веќе успешно се презентирале во странство благодарение на меѓународни награди и добриот превод. Таа смета дека Македонија има и други одлични автори на кои само им треба добра маркетиншка презентација во странство.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Ж.Ацеска