Македонските книги заглавија на „Блато“
10 јули 2010Книгите, главно детска литература, по некоја боенка и сликовници, собрани во хуманитарната акција „Книгата моја патува“, што ја организираше партијата ДОМ по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, не стигнаа до саканата дестинација. Над 7.300 книги, прописно спакувани, беа вратени од граничниот премин Блато, на албанско-македонската граница кај Дебар.
„Изненадени сме и шокирани. Не знам за какви списоци на дозволени или недозволени книги се работи. Вакво нешто навистина не очекуваме, се работи за најобична хуманитарна пратка од книги за деца, боенки, детски прибор за школска возраст“, вели претседателката на Демократската обнова на Македонија и пратеник во македонскиот парлемент, Лилјана Поповска.
Албанските цариници поставиле серија услови, кои Поповска делумно ги оценува како невозможни и нефатливи. Како прво, албанската царина побарала примач на донацијата да биде општина, а не невладина организација. Кога тоа го решиле со општина Требиште, царинските работници излегле со други барања, меѓу кои и ова.
„Да сме ги прашале авторите на тие книги дали се согласуваат да бидат внесени во Албанија. На крај, по долги убедувања и објаснувања, покажаа подготвеност и ни кажаа дека можеме да поминеме ако дојде одвека претсавник на министерството од подрачната единица во Булќиза, за да биде присутен кога ќе се отвораат пакетите со книги. Таман се сгласивме и на тоа - дојде четири часот, кога веќе не работи министертвото за образование“, истакнува Поповска.
Акцијата не запира
Од ДОМ не се откажуваат, книгите мора да бидат пренесени до децата од Голо Брдо. Се` што се бара ќе го обезбедиме како документ, вели познатиот македонски актер Ѓорѓи Јолески и претседател на Комисијата за култура во ДОМ:
Акцијата не само што нема да запре, туку ќе продолжиме со собирање на книги и ќе отидеме да ги даруваме заедно со уметници од Македонија.“
Од албанска страна, пак, велат дека причина за забраната за влез на македонските книги е недостигот на потребната документација од министерството за образвание на Албанија, односно авторизација врз основа на каталогот на министертвото.
Едмонд Османи, организатор на курсевите по македонски јазик, вели дека му е жал за децата кои со нескриена радост ги чекале книгите:
„Тие ги чекаат, многу се радуваат кога ќе стигнат книгите. Многу сакаат да учат, оти мајчин јазик им е македонскиот.“
И организаторот на акцијата „Книгата моја патува“ и оние кои ги чекаат книгите, се надеваат дека набрзо тие сепак ќе стигнат во рацете на децата од Голо Брдо, особено до оние кои по спроведениот курс веќе знаат да читаат на македонски јазик.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Трајче Тосев