1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските анкетни Комисии го почитуваат Черчил

Катерина Блажевска16 мај 2013

Во парламентарните демократии Анкетните комисии имаат важна контролна улога, но во Македонија ни практиката ни пратениците не покажуваат дека ваквиот механизам е ефикасен

https://p.dw.com/p/18XoE
Фотографија: MAKFAX

Од независноста на Македонија до денес имало 15-тина Анкетни комисии и сите ја потврдиле изјавата на Черчил: ниту една од нив не ја завршила работата заради која била формирана, односно не произвела институционален епилог. Сите се судриле со затвореност на државните органи, со недостиг од волја и незаинтересираност за решавање на проблемите. Според правните експерти, во парламентарната практика анкетните комисии имаат важна ex-post контрола не само врз Владата, туку и врз другите институции врз кои Собранието врши контрола. Тие претставуваат еден вид натпартиски увид за заштита од злоупотреба на некои државни механизми. Но, во Македонија ни практиката ни пратениците не покажуваат дека ваквиот механизам е ефикасен.

Последен пример за тоа е Анкетната комисија формирана да ги расветли настаните од 1 јули 2010. Инцидентот се случи кога во Собранието требаше да се гласа за Законот за стечајците предложен СДСМ. Опозицијата обвини дека приватно лице незаконски ги снимало додека имале средби со стечајците во Собранието, откако обезбедувањето му овозможило да влезе во законодавниот дом без да се идентификува. МВР тврдеше дека се работи за вработен во одделот за дефанзивно електронско и техничко обезбедување, задолжен за снимање собири и протести. СДСМ побара одговор и од претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, дали тој дозволил влез на неидентификувани лица во Парламентот. Случајот не доби епилог.

Без конзензус за одлуки со консензус

Ваква судбината и се навестува и на се уште неформираната Анкетна Комисија задолжена да ги расветли настаните во Собранието од 24 декември 2012 година. СДСМ не го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, според кој опозициската партија може да го предложи претседателот на Комисијата, но одлуките да се носат со консензус. Предлогот, претставен како конструктивен и разумен, вчера јавно го презентираше директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Großbritannien Zweiter Weltkrieg Winston Churchill vor Downing Street
Доколку сакате некоја работа да остане незавршена формирајте Комисија. фото: Винстон Черчил:Фотографија: Getty Images

„Ваквиот формат, во кој опозицијата би имала мнозинство во комисијата, а истовремено комисијата би одлучувала консензуално, гарантира дека комисијата во исто време ќе работи и динамично, но и одговорно и разумно, при што во својата работа пред се ќе ги има приоритетите за утврдување на фактите за настаните од 24 декември, во и пред Собранието, но и за настаните кои предходеа", рече Димовски.

Генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, кој учествува во консултациите кај претседателот Иванов за формирањето на Комисијата, вели дека предлогот не е нов.

„Тој веќе беше презентиран на една од средбите и уште тогаш се изјаснивме дека е неприфатлив за нас. Одлучувањето со консензус води единствено кон блокада во одлучувањето. Зошто ни е тогаш таков принцип, ако однапред сме свесни дека таквиот начин на одлучување целосно ќе ја закочи работата на Комисијата", вели Петров.

Комисијата треба да функционира според формулата 2+2+1, двајца членови предложени од СДСМ, двајца од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател избран со консензус од двете партии. Во нејзината работата треба да учествува и еден странски експерт, но без право на глас.На предлог на СДСМ, членови во комисијата се професорите од Правниот факултет Љубомир Фрчкоски и Рената Тренеска-Десковска, а од ВМРО-ДПМНЕ - пратениците Илија Димовски и Благородна Дулиќ. Со цел Комисијата побрзо да профункционира, од СДСМ предложиле „петтиот глас" да биде на странскиот експерт, но тој предлог бил одбиен од ВМРО-ДПМНЕ.

Странецот чека

Еврокомесарот Штефан Филе пред неколку дена по трет пат потсети на неисполнетите обврски од договорот на 1 март.

„Јас сум загрижен што овој договор сè уште не е целосно имплементиран. Клучен елемент е Комисијата која треба да го истражи настанот. И кога тоа сè уште го нема, јас се прашувам себе си - што говори тоа за силата на демократските институции во таа земја", рече Филе.

Mazedonien- Stefan Füle und Nikola Gruevski
Штефан Филе и Никола ГруевскиФотографија: MIA

Неговата загриженост ја повтори и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.
„Се надевам дека оваа Анкетна комисија ќе може да се формира што поскоро. За нас ова е многу важно прашање, затоа што комесарот Филе беше лично тука и тој помогна во постигнувањето на договорт од 1 март", потенцира Орав.

Според дипломатски извори, странскиот експерт кој во Комисијата треба да учествува без право на глас, „е селектиран". Неговото име ќе биде соопштено кога ќе се формира Комисијата, а тој чека да биде повикан на првата седница.

"Работите ќе се мрднат од мртва точка кога ќе постои искрена волја да се дојде до суштината, а не само да се задоволи формата - да се формира Комисија. Таа треба да биде ефикасна и функционална, а не 'трофејна'. Начинот на кој досега се создава Комисијата, доволно јасно покажува дали им таква волја", велат дипломатски извори.

Лилјана Ристова- Ингилизова, поранешна судијка во Уставниот суд, е последниот предлог на СДСМ за претседател на Комисијата, но не по цена на одлучување со консензус. Двајца други кандидати прифатливи и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, кои од лични причини одбиле да учествуваат во работата на Комисијата, се професорот од Правниот факултет, Арсен Јаневски и Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.