1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските аеродроми ќе се модернизираат

1 март 2010

Турската компанија ТАВ официјално ќе го преземе стопанисувањето со аеродромите во Скопје и во Охрид во наредните 20 години. Тие најавуваат инвестиција од најмалку 200 милиони евра, иако имаат проблеми со кредитирањето.

https://p.dw.com/p/MEhb
Аеродромот во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

За две години Македонија треба да добие два модерни аеродрома. Турската компанија ТАВ по две одложувања конечно започнува со реализација на процесот за модернизација на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид со кои ќе стопанисува во наредните две децении. ТАВ веќе започна дел од активностите за продолжување на полетно- слетната писта на скопскиот аеродром и локацијата на која треба да се изгради нова терминална зграда. Целосната реализација на овој проект е предвидена за околу две години.

Mazedonien Land und Leute Alexander der Große Flughafen in Skopje
Аеродромот во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Кои се условите од договорот?

Според концесискиот договор, Турците треба да инвестираат околу 200 милиони евра, да ги задржат на работа сите 760 вработени во наредните седум години и да не ги намалат нивните плати. Новите газди на вработените на аеродроми им дадоа писмени гаранции дека ќе го почитуваат она што стои во договорот

Претседателите на самостојниот и на независниот аеродромски синдикат Стево Трајковски и Марјан Илиевски се надеваат дека договорот ќе се почитува. Изјавија дека им бил ставен на увид делот за кадровската политика од концесискиот договор меѓу Владата и концесионерот. Добиле ветување дека ќе се потпише нов колективен договор во кој ќе се утврдат сите надоместоци на плати и подобрување на условите за работа во зависност од успешноста на работниот процес.


Со влезот на ТАВ се очекува раздвижена фреквенција на патниците


Skopje Flughafen Aleksandar Veliki
Аеродромот во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Претставниците на ТАВ изминатата година целосно ја скенираа состојбата. Инвестицијата ја одложија на двапати поради финансиската криза. Владата не само што го толерираше доцнењето, туку на Турците им додели бонус плус во делот на обврската за изградба на карго аеродромот во Штип, која од три се прошири на десет години рок. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески е оптимист дека ТАВ ќе го реализира процесот.

Македонските власти со влезот на ТАВ очекуваат конечно да се раздвижи и фреквенцијата на патници во авиосообраќајот која е на речиси очајно ниво. Она што досега не му успеа никому, да ги привлече нискобуџетните компании кои рекламираат летови за 19 евра без пресметани аеродромски такси, сега треба да биде задача на ТАВ.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска