1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските автори-рамноправни во глобалното „културно село“

25 октомври 2009

Македонски автори критикуваат дека нивната сопствена татковина ги заборава кога се репрезентира книжевното и културно творештво од земјата на меѓународни саеми и манифестации, иако тие добиваат странски признанија.

https://p.dw.com/p/KCiJ
Саемите на книгата, можност за презентација на националната култураФотографија: AP

Младата поетска, но и прозна генерација на творци од Македонија, ја претставува се‘ поуспешно својата татковина во светот. „Но, многу повеќе индивидуално и самостојно,“ реагира критички младата поетеса Лидија Димковска, добитничка на годинашнава угледна европска награда за поезија „Хуберт Бурда“ во Германија, која живее и твори во Љубљана, Словенија.

Димковска се осврнува посебно на најновиот саем на книгата во Франкфурт, Германија: „Навистина е жално што, на пример, автори кои живеат во Германија, или кои престојуваат таму, како Никола Маџиров, Кица Колбе, номинирана за наградата ’Балканика’, Дејан Дуковски - значи, автори што требало да учествуваат, ако не биле веќе поканети други автори од Македонија на македонскиот штанд на саемот на книгата во Франкфурт. Барем тие требало да бидат поканети и да ја претстават достојно македонската литература, покрај секако одличниот роман ’Нишан’ на Блаже Миневски.“

Ова се повтори и со саемот на книгата во Лајпциг, Германија, во минатата година, дополнува Димковска: „Самиот саем ме покани мене, Никола Маџиров и Кица Колбе да учествуваме, а не Министерството за култура, или оној што го организираше претставувањето на Македонија во Лајпциг.“

Недоразбирања и недоволна комуникација

Deutschland Buchmesse Leipzig Stand Mazedonien
Кица Колбе, Никола Маџиров и Лидија Димковска на Саемот на книгата во ЛајпцигФотографија: DW

Раде Силјан, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија вака ги коментира овие забелешки: „Што се однесува до присуството на саемите во светот, понекогаш настануваат одредени недоразбирања, или имаме недоволна комуникација со одредени имиња. Изостанувањето на овие млади, инвентивни и упатени нови имиња е минус за нашето претставување, кога одиме на саеми.“

Лидија Димковска нагласува: „Всушност, тоа е онаа рак - рана, која се повторува постојано - кога самата држава не ја става македонската литература во колку е можно пошироки рамки на културната мапа на Македонија, што треба да му се претстави на светот и на секој оној што се сомнева во националниот и културниот идентитет на Македонија. Тогаш, како да го прави тоа светот, а особено оној дел од светот кој го оспорува нашето постоење, како што е сега случајот со Грција?!“

Blaze Minevski - Autor des Buches Gun Sight
Романот на Блаже Миновски претставен во ФранкфуртФотографија: DW

Димковска ја претставуваше македонската поезија на еден од најпрестижните меѓународни поетски фестивали, што се одржа од 14-ти до 17-ти овој месец во Лимерик, Ирска. На сцената на Градскиот театар во Грац, Австрија, во исто време беше промовиран најновиот број на книжевното списание „Манускрипте“, во кое во целост е објавена на германски јазик поемата на Димковска „Арс - поетичка балада“ од нејзината последна поетска книга „пХ - неутрална за животот и смртта“.

Околу својот меѓународен поетски ангажман таа резимира: „Сепак, онаму каде што јас сум настапувала лично, секогаш сум била добредојдена како рамноправен учесник во светската култура, никој не ги оспорил мојот јазик, потеклото и националноста, што укажува дека литературата ги преминува политичките граници дури и тогаш кога политиката сака да воспостави свои парадигми за идентитетот на еден народ.“

Поетите градат мостови, политичарите ги уриваат

Literatur Nobelpreis für Herta Müller
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Дома, пак, во Македонија може да се добие впечаток за еден недоволен внатрешен ангажман на младите поетски творци, а уште повеќе за непостоење интеркултурна и интеретничка комуникација во духовниот простор во земјата,“ смета Салајдин Салиху од Тетово, еден од побележитите млади поети:

„Тука во Македонија и поетите - Македонци и поетите - Албанци имаат што да и‘ дадат на оваа публика. Тие треба повеќе да се преведуваат меѓу себе, но, исто така треба да имаат и некои проекти со цел да се оствари повеќе влијание и одраз врз општеството - во него, каде се‘ се дели според етничка линија, да се види дека поетите можат да градат мостови. Меѓутоа, за жал, се‘ се случува како во една народна балада: поетите понекогаш сакаат да градат мостови, но нив ги уриваат политичарите.“

Нашите соговорници велат: „Иако поезијата не може да го промени светот, сепак, таа може да го подобри“. Тие продолжуваат да творат со таа визија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска