1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот шах „игра“ офанзивно

Златко Калински9 ноември 2012

Пред точно 4 децении Скопје беше центар на шаховскиот свет. Ја организираше 20. Шаховска Олимпијада. Градот засекогаш останува на светската шаховска карта, а древната игра остана привлечна за младата популација.

https://p.dw.com/p/16fx9
Фотографија: Elnur/Fotolia

Тоа беше Олимпијада, која во шаховскиот свет се памети и по 40 години. Скопје беше беспрекорен домаќин на најдобрите светски шахисти. Сеќавањето на најспектакуларниот настан од спортски карактер одржан во Македонија како повод да се зборува за актуелниот момент на македонскиот шах. Лидија Софревска-Андонова, генерален секретар на Шаховската федерација на Македонија за шахот денес оценува:

„Македонскиот шах е во фаза на градење нови играчи. Би рекла, ние ја имавме и се‘ уште ја имаме генерацијата на одлични шахисти, кои ги донесоа најголемите резултати на македонскиот шах. Тоа се велемајсторите Трајко Недев, Влатко Богдановски, Драгољуб Јачимовиќ, Никола Митков, меѓутоа во секоја дисциплина, па и во шахот, потребно е обновување на силите и градење на нови генерации.“

Неодамна заврши 40-та Олимпијада во Истанбул. Македонските шахисти имаа добар настап. Се пласираа на 38-то место, за десет места повисоко од ранкингот во ФИДЕ, кој го имаат:

Schachspiel
Македонскиот шах е во фаза на градење нови играчиФотографија: Fotolia/Helder Almeida

„После неколку последователни Олимпијади, од коишто се враќавме незадоволни, можеби во Истанбул не постигнавме историски гледано најдобар резултат, но македонската репрезентација оствари резултат кој е оценет како забележителен.“

Софревска-Андонова ги потенцира вложувањата и во новите шаховски генерации:

„Во новите шаховски генерации вложуваме многу. Особено ние, како шаховски клуб „Алкалоид“, започнавме со таква политика од 2009-та година. Тоа е политика на формирање и стимулирање на шаховски школи, затоа што бевме свесни дека за да продолжи шаховската игра со она ниво со кое била, потребни се млади генерации.“

Моника и Тони - идни шампиони

Кои се новите македонски шаховски бисери? Моника Стојковска е 19-годишна студентка на Економскиот факултет во Скопје, но и шахистка-репрезентативка на Македонија. Од неодамна е со титулата ФИДЕ мајстор:

„Јас уште од многу мали нозе му посветив време и внимание на шахот и еве сега тоа ми се исплатеше и на Олимпијадата во Истанбул ја освоив титулата на женски ФИДЕ мајстор.“

Имам оптимални услови за работа, добар тренер и резултатите се тука, вели Моника:

Schach Mazedonien Monika Stojanovska Debut Skopje Nationalteam
Моника СтојановскаФотографија: DW

„Благодарение на мојот клуб ’Алкалоид’ овозможено ми е да имам свој тренер. Тоа е велемајсторот Драгољуб Јачимовиќ. Имам голема поддршка и од клубот и од тренерот. Клубот ги спонзорира учествата на турнирите на кои играм, а тоа во моментов за мене е многу важно. “

Малиот Тони Лазов ова лето упадна во големото шаховско друштво. Играше на сениорското првенство на Македонија и блесна како ниту еден дебитант досега. На 12-годишна возраст  стигна до 4-то место:

„Искрено, јас и не очекував да одиграм толку добро на тој турнир, но ете, се‘ добро се погоди. Да се игра на државно првенство е голема чест, а да се победува уште поголема, бидејќи таму учествуваат врвни шахисти.“

Тони е од Неготино. Негов шаховски ментор е велемајсторот Трајко Недев. Пет дена во неделата по неколку часа заеднички пловат низ шаховскиот космос, а Тони мечтае да ја достигне славата на своите шаховски идоли:

Schach Mazedonien Toni Lazov Debut Skopje
Тони ЛазовФотографија: DW

„Го ценам Магнус Карлсен, кој во моментов е на врвот од светската ранкинг листа. Ништо полош не и Левон Ароњан. Тие двајца ми се омилени меѓу активните шахисти, инаку му се восхитувам и го обожавам Гари Каспаров. Тој за мене е шаховска легенда.“

Моника и Тони ги испишуваат првите редови од својата шаховската приказна на големи очекувања. Ако,наскоро се реализира иницијативата шахот да влезе во програмата на училишниот спорт во Македонија, нема да биде потребно да се организира Олимпијада, македонскиот шах да постигне нов напредок и оствари повисок квалитет.