1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот правосуден систем станува поефикасен

Тони Гламчевски20 септември 2012

Според извештајот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа, кој ќе биде објавен денеска (20.09), македонскиот правосуден систем бележи позитивен развој. Земјата е во просекот во регионот.

https://p.dw.com/p/16Bld
Фотографија: Fotolia/22 North Gallery

Извештајот на Советот на Европа нуди споредбени табели во повеќе области, како буџетот кој се издвојува за правосудниот систем, организацијата, бројот и составот на вработените во правосудниот систем, времетраењето на судските процедури.

Секретарот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа, Стефан Лејенберже, за Дојче Веле оценува дека во споредба со претходниот извештај од пред две години, на ниво на Европа е забележан напредок.

„Најнапред, постои напредок во државите членки на Советот на Европа во поглед на правната држава и фундаменталните принципи, пристапот до судиите или судската помош која сега постои во сите земји членки.“

Лејенберже тука како пример ја посочува и територијалната поставеност на судовите, при што се забележува дека во западните земји, поради различни причини, се намалува бројот на судовите, додека на истокот од Европа нивниот број се зголемува.

„Ова, бидејќи правосудните системи во овој дел на Европа се наоѓаат во длабоки структуралните реформи, со кои се сака граѓаните да имаат полесен пристап до судовите.“

Македонија во периодот меѓу двата извештаи забележува позитивна еволуција

„Еволуцијата во ‘поранешната југословенска Република Македонија’, слично како и во некои други земји од Југоисточна Европа, забележува пред се‘ позитивна еволуција, пред се‘ во структурирањето и организацијата на правосудниот систем. Земјата се наоѓа во просекот на земјите од регионот“, нагласува Лејенберже.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Во првостепените судови во Македонија за решавање на еден предмет се потребни во просек 259 денаФотографија: Petr Stojanovski

Од податоците и табелите се гледа дека Македонија со 1,7 судови на 100.000 жители се наоѓа во европскиот просек на територијалната застапеност на судовите. Но ако се погледне бројот на судиите, 32,3 на 100.000 жители, Македонија е на врвот во Европа. За споредба, во Германија има 23,4, додека во Франција 10,7 судии. Но затоа пак, со само еден вработен како асистент за двајца судии, Македонија е на дното.

Македонските судови работат поефикасно

Комисијата за ефикасност на правосудството, според податоците кои и‘ беа доставени, направи и оценка на ефикасноста во работата на судовите.

Во првостепените судови во Македонија за решавање на еден предмет се потребни во просек 259 дена, односно таа е во средината на Европа.

Mazedonien Justiz Akte
Македонија е земјата каде парниците за развод на брак се најбрзи во Европа - само 117 денаФотографија: Petr Stojanovski

Македонија е земјата каде парниците за развод на брак се најбрзи во Европа, само 117 дена во 2010 година. Платите на македонските судии и обвинители се во европскиот просек, во споредба со средните бруто плати во земјата. Ако во Македонија има повеќе жени судии, родовата застапеност не е иста кај претседателите на судовите, каде побројни се мажите. Со 3,2 адвокати на еден судија, Македонија е под европскиот просек.

„Целта на извештајот не е да направи рангирање на 47 земји членки на Советот на Европа. Тој е инструмент ставен на располагање на државните власти, за да тие можат да направат споредба со државите со кои можат да се споредуваат. Кога ќе се погледне дека Македонија издвојува 14 евра годишно по жител за правосудството, споредбата со Франција нема смисол. Но тоа може да се споредува со она што го издвојува Србија, Босна и Херцеговина, односно Македонија издвојува повеќе од Албанија или Молдавија. Таа се наоѓа во просекот на земјите од регионот“, заклучува Стефан Лејенберже.