1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот печат „пожолтува“?

18 јуни 2011

Дали македонскиот печат „пожолтува“ или станува позабавен? Секси скандали на насловните, се ѕирка во интимата на естрадните ѕвезди и јавните личности, од афери не остануваат поштедени ниту политичарите.

https://p.dw.com/p/11eeN
Свртување кон скандали и секси фотографииФотографија: Fotolia/Pixel & Création

Нема весник без пикантни фото-портрети на домашни и светски модели или пејачи, секојденевно се објавуваат секси ќошиња и совети, дури и со бизарни наслови, како еден од последните дека 76 –годишен маж 4 пати дневно имал интимни односи, а неговата 64-годишна партнерка тоа не можела да го издржи?

„Жолт печат постои во светот, не е така развиен во Македонија, почива на сензационализам и ниски чувства или поттикнува такви страсти. Во земјава е повеќе од очигледно дека постои жолто новинарство, информација која не се потпира на факти, туку има за цел дискредитација. Таблоидното новинарство сепак ги возбудува читателите и гледачите, го подига тиражот на весниците“, вели Бранко Геровски, главен уредник на „Шпиц“ и основач на неколку дневни весници и неделници.

Луѓето се заморени само од политика

„Во секој случај објавувањето интимни пикантерии продава весници, но до тираж не може да стигнете само со такви вести и информации. Но во Македонија често пати не правиме разлика меѓу сериозно и досадно новинарство. Луѓето се заморени само од политика и политичарите и читателите сакаат и да им биде забавно додека ги прелистуваат весниците,“ забележува Горан Михајловски, главен уредник на „Вест“. И двата весника се обидуваат во трката за тираж да ги вградат и лесните четива. Но за Михајловски тоа е дел од општиот тренд, иако во „Македонија е тешко да правиш таблоид, зашто секој со секого се знае“.

Symbolbild Verführung
Фотографија: francovolpato-Fotolia

Од познатите таблоиди почитани се „Крема“ и „Свет“, македонска верзија на белградското издание. Зоран Василевски, кој и самиот е ТВ шоумен со емисијата „Фаци“, вели дека во државата не е формиран џет-сет и дека естрадните личности се‘уште не ја разбираат и негуваат интимноста како сфера на јавна комуникација со своите фанови, вели главниот уредник на неделникот „Крема“

„Многу е неблагодарно да градиш имиџ на јавна личност чија приватност и интимност е достапна до читателството, особено доколку се објави информација што ним нема да им се допадне“.

За политичарите се‘ се знае

За политичарите главно се‘ се знае, дури и малите деца, задоени со политика од родителите, знаат кој е Груевски, каков е Црвенковски, вели за Дојче веле Василевски.

Неколку години наназад весниците ги најавуваат свршувачките, но и разводите, на премиерите Груевски, Бучковски, свадбата на Шеќеринска со познат бизнисмен беше топ тема, како и рожбите на нивните деца. Се објавуваа дури и алузии за тајни врски меѓу членови на иста влада, партиски челници, бизнисмени и естрадни или телевизиски ѕвезди. „Вест ги најави свадбите на двајцата последни премиери, сме ги развеле, многу ретко користеме папарацо-фотографии. Како што демократијата и слободата на медиумите се развиваат и јавните личности сфатија дека е подобро да не се кријат, да ја допуштат приватноста пред интересот на јавноста и така да ја контролираат информацијата за нив“, истакнува Михајловски. Неговиот колега од „Шпиц“, Геровски, за Дојче веле оцени „ Но, жолтото новинарство прераснува во вистинска перверзија кога разголувањето на интимноста на јавните личности се дел од кампањи за нивна дискредитација од разновидни политички или бизнис интереси“.

Jahreswechsel Vorsätze Entspannung und Liebe
Фотографија: picture alliance/dpa

Раголени девојки

Денес не е табуизирана ниту разголената фото-сесија на првите дами од забавата во македонското издание на „Плејбој„“. Една поп-пејачка, со руско потекло, демантира дека музичката кариера ја направила преку кревет.

Во Македонија не постои џет-сет, нема толку богати луѓе, тие не ја манифестираат својата посебност со статус или затворање во елитистички кругови, вели Василевски, кој е дел од таканаречената скопска шема на полноќни седенки и „дешавки“, како со скопскиот сленг, се опишува ноќниот и приватниот живот на афирмираните личности и тие што ја бараат својата шанса на кариера, а не само да бидат видени. Фотографиите и скокотливите легенди под нив стануваат составен дел на сите весници, што пожолтувањето на печатот го прифаќаат како светски тренд.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска