1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот парламент се самораспушти

12 април 2008

Македонскиот парламент (12.04.2008) донесе одлука за самораспуштање. Со тоа е отворен патот за предвремени избори, кои треба да бидат одржани на почетокот на јуни.

https://p.dw.com/p/DgWX
Отворен патот за нови избориФотографија: picture-alliance/ dpa

Одлуката за датумот претседателот на Парламентот Љубиша Георгиевски најверојатно ќе ја донесе за време на викендов. За прекин на четиригодншниот мандат гласаа 70 пратеници, главно од владеачката коалиција ВМРО ДПМНЕ и ДПА, како и од опозиционата ДУИ, а третиот коалиционен партнер во владата НСДП, гласаше против. Пратениците од опозициските СДСМ и ЛДП ја напуштија салата пред да се гласа за самораспуштање, иницијатива која во парламентот ја поднесе опозициската ДУИ.

Пред гласањето за самораспуштање итно беше закажана работна седница на Парламентот на која пратениците донесоа своја последна одлука за продолжување на мандатот на мисијата на АРМ во БиХ , во Ирак и во Авганистан.

Главна тема на расправата пред распуштањето на Собранието беа шансите Македонија да го реши спорот со името со Грција и да ја добие поканата за членство во НАТО и датум за преговори за прием во ЕУ.

Опозицијата укажа дека со предвремените избори само се губи време за остварување на овие цели, а партиите кои гласаа за предвремени избори, аргументираа дека се ќе биде надополнето со работа на поефикасен нов состав на парламентот.

Владата до новите избори ќе функционира како техничка, а сите партии ќе бидат информирани и ќе даваат поддршка на преговарачкиот процес, беше решено на состанокот на претседателот Бранко Црвенковски со лидерите на политичките партии.

Договорено е спорот со името да не се злоупотребува во изборната кампања.