1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот државен врв го отфрли новиот предлог на Нимиц

12 октомври 2008

Македонската влада денеска веројатно ќе го разгледа најновиот предлог на посредникот Метју Нимиц за решавање на спорот за името.Претходно предлогот како неприфатлив го оценија и претседателот и премиерот на Македонија.

https://p.dw.com/p/FYDZ
И премиерот Никола Груевски и претседателот Бранко Црвенковски сметаат дека се потребни измени во новиот предлог на посредникот Метју НимицФотографија: DW

Премиерот Никола Груевски го отфрли најновиот предлог за решавање на спорот со Грција за името понуден од посредникот на ОН, Метју Нимиц, истакнувајќи дека тој е спротивен на државните интереси. Груевски слично како и претседателот Бранко Црвенковски нагласи дека без поголеми промени во пакетот на Нимиц, решение за спорот не е можно.

„Ако господинот Бранко Црвенковски смета дека овој предлог не е најсоодветна основа за доаѓање до најсоодветно решение, јас мислам дека е тоа така уште повеќе“, изјави Груевски, вчера во Прилеп, осврнувајќи се на тој начин на соопштението од Кабинетот на претседателот Црвенковски во кое беше истакнато дека последниот предлог за името не е прифатлив.

Груевски уште изрази надеж дека наредниот пат посредникот Метју Нимиц во неговата серија на давање идеи ќе има повеќе елементи кои ќе значат подобра позиција на Македонија.

Црвенковски најави координативна средба на државниот врв

Кабинетот на македонскиот претседател Бранко Црвенковски вчера издаде соопштение во кое беше истакнато дека без сериозни измени последниот сет идеи што медијаторот Метју Нимиц ги изложил на средбата во Њујорк со преговарачите не би можел да претставува основа за натамошни преговори и за дефинитивно надминување на спорот.

Тоа се првичните оценки на претседателот Црвенковски по вчерашната средба на шефот на државата со амбасадорот Никола Димитров, соопшти неговиот Кабинет.

Со цел да се изгради заеднички и усогласен став на македонскиот државен врв, Црвенковски има намера во текот на наредната недела да свика координативна средба посветена на ова прашање.