1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска видео игра за светскиот пазар

Игор Смилевски16 декември 2012

Во ТЦ „Лептокарија“ еден стан во иднина може да биде значајна локација за македонските, но и светските љубители на компјутерски игри. Таму тимот „Тесарект гејмс“ е решен да создаде прва успешна македонска видео игра.

https://p.dw.com/p/173ND
Фотографија: Tessaract Games

Седуммина малади ентузијасти: Александар Јовановски, Иван Ивановски, Игор Антовски, Александар Чакаларовски, Филип Поповски, Иван Георгиевски и Марко Илиевски го сочинуваат тимот „Тесарект гејмс“ (Tessaract Games), кој има голема цел - да прерасне во препознатливо име во индустријата за видео игри. „Екскјубитор“ (Excubitor) е насловот на нивниот прв официјален проект, кој во моментов им претставува само хоби. Доколку во иднина успеат да ги обезбедат потребните финансиски средства, тие се решени целосно да се посветат на оваа дејност.

Tessaract Games Excubitor Logo
Логото на видео игратаФотографија: Tessaract Games

„’Тесарект гејмс’ се’ уште е нерегистрирана фирма, бидејќи не знаеме колку македонскиот пазар е подготвен да поддржи ваков тип на бизнис идеја. Со завршувањето на ’Екскјубитор’ ќе имаме многу појасна слика за иднината“, велат од тимот.

Амбициозна мисија

Сите членови имаат претходни искуства со програмирање, компјутерска графика, арт и дизајн, музика и звук, но ова е прв пат своите вештини да ги користат за развој на компјутерска игра. Иако во Македонија и претходно имало помали самоиницијативни обиди за креирање на видео игри, сепак членовите на „Тесарект гејмс“ можат да се вбројат меѓу пионерите во ова поле. Според нив тоа има негативни, но и позитивни страни.

„Како и за сите други почетници тешко е да се пробиеме и повеќе луѓе да слушнат за нас, но од друга страна осбено задоволство ни причинуваат позитивните коментари од сите оние што веќе имале некаков пристап до играта“, велат членовите на „Тесарект гејмс“.

Од 20.000 до 100.000 долари за развој на независна видео игра

„Екскјубитор“ е научно фантастична видео игра во трето лице, со интензивна акција и примамлив визуелен стил. Од „Тесарект гејмс“ сметаат дека таа би била интересна за сите денешни играчи, но и за љубителите на постари аркадни игри, како Nuclear Strike и Raptor: Call of the shadows.

Tessaract Games Excubitor
Играта е креирана во стан во СкопјеФотографија: Tessaract Games

„Приказната се одвива во иднината, некаде во далечините на универзумот, каде што играчот ќе треба да се соочи со бројни непријатели контролирани од невидлива вештачка ителегенција“, велат од тимот на „Тесарект гејмс“.

Како независни развивачи, членовите на „Тесарект гејмс“ самоиницијативно ги собрале средствата потребни за почетно развивање на играта:

„Во моментов, немаме никаква помош од спонзори, но веруваме дека ќе ни биде потребна во иднина, за да можеме да ја финализираме играта. Речиси сите независни развивачи на видео игри имаат некаков вид на спонзорство. Буџетите за вакви независни проекти во просек варираат од 20.000 до 100.000 долари“.

„Eкскјубитор“ се наоѓа во алфа-фаза, што значи дека е развиена игрива верзија. Сепак, потребно е понатамошно надополнување на содржината и рано е да се прецизира краен рок за официјалното објавување на играта.

Tessaract Games Excubitor
Младите ентузијасти бараат спонзори за развивање на игратаФотографија: Tessaract Games

Промоција и продажба

Во однос на работата, членовите на тимот се поделени во неколку области: програмер, 3Д дизајнер, артистички дизајнер, дизајнер на текстури, дизајнер на специјални ефекти и дизајнер на аудио-ефекти и музика:

„Не сме обврзани со работно време. Секој од нас се посветува на играта најмногу што може“.

За промоција на видео играта во моментов тимот ги користи популарните социјални мрежи и веб страницата www.excubitorgame.com. Ваквата одлука се темели на тоа што пред се’ играта е наменета за светскиот пазар. Иако од „Тесарект гејмс“ сметаат дека е возможно во Македонија да пронајдат независни инвеститори, кога станува збор за македонски издавач на играта се далеку попесимистични:

„Во Македонија оваа гранка е неразвиена, па затоа ’Екскјубитор’ планираме да ја издадеме исклучиво во дигитална форма, преку светските онлајн дистрибутери на игри како Steam, Desura и др.“.

Tessaract Games Excubitor Cover
Создавачите на играта се песимисти дека ќе најдат македонски издавач за неаФотографија: Tessaract Games

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат развивачите и издавачите на видео игри на глобално ниво секако е пиратеријата. Сепак од „Тесарект гејмс“ велат дека кога станува збор за студиа од мали земји, како што е Македонија, пиратеријата може да претставува и предност:

„Појавувањето на ’Екскјубитор’ на пиратските веб страници дополнително ќе ја зголеми популарноста на играта и ќе овозможи афирмација на ’Тесарект гејмс’ во светски рамки“.