1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската одбојка останува на спореден колосек

Златко Калински25 септември 2012

Во годината на пропуштени шанси на македонските репрезентации да бидат дел од големите меѓународни натпреварувања, се придодаде и одбојкарската. На крајот од квалификациите за ЕП, пресуден беше еден загубен сет.

https://p.dw.com/p/16Dg3
Фотографија: DW

Македонската одбојка останува во долниот европски одбојкарски дом. Машката репрезентација во неодамна завршените квалификации за Европското првенство имаше шанса да се крене повисоко, да биде поблиску до европскиот квалитет, но изостана решавачкиот исчекор. Селекторот Александар Тасевски се осврнува на драматичниот тек на настаните во Острава:

„Одигравме добро против Хрватска и ја победивме со 3:1. Од Чешка очекувано загубивме, бидејќи Чесите отскокнуваат по квалитет. Јас намерно, првата постава ја држев малку во игра, за да ја одморам и да ја подготвам за најважниот, за решавачкиот натпревар против Австрија. Против Австријците ни требаше победа со 3:0 или со 3:1 за да се пласираме во „бараж“ натпреварот против Словенија. Австрија ја победивме со 3:2, но за жал, тоа беше „Пирова победа“!

Неуспехот причина за голема натпреварувачка празнина

Причините за неостварените амбиции Тасевски ги гледа во отсуството на поголем број на подготвителни натпревари, во тесниот круг за избор на квалитетни играчи, но и во лошиот третман што го има овој некогаш респектиран и трофеен спорт. Македонскиот селектор укажува на големата празнина,која се создава по неуспехот во квалификациите:

„Ние сега го завршивме овој квалификационен циклус. Бидејќи немаме средства да играме во Европската лига, а наредни се квалификациите за светското првенство во 2014. година, целата следна година натпреварувачки ни останува празна! Значи дури по две години ќе се собереме на начин каков што се собравме сега. Тоа не може да донесе квалитет. Ова се случува постојано во изминатите 10-15 години, а тоа е само губење на времето.“

Aleksandar Tasevski
Александар ТасевскиФотографија: Zlatko Kalinski

Александар Тасевски некогаш славно македонско,но и светско одбојкарско име, со жалење констатира дека се‘ помалку има млади, кои влегуваат во овој спорт. Вели, државата треба да помогне:

„Во ова поднебје штета е да не се вложува во одбојката. Имаме млади и високи деца, имаме потенцијал, но додека плановите и програмите не бидат поткрепени со финансии од државата како основен двигател, не можеме да сметаме на успех и на квалитет“.

Регионалната лига како можен мотиватор

Слабите резултати на репрезентативно ниво се само одраз на состојбите и во клубовите. Македонската лига од година на година е со се‘ послаб квалитет. Деновиве се заговара формирање на регионална лига со учество на клубови од Македонија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина… Тасевски смета дека, тоа може да значи позитивно одбојкарско придвижување:

„Јас сум одушевен од една таква идеја. Таквите идеи се заговараат подолго време, но никако да се реализираат. Што би ни донела таквата регионална лига. Конкретно, во неа на пример еден од учесниците ќе биде Вардар. Тоа носи поголем интерес на јавноста за одбојката, како што беше некогаш пред 30-тина години. Носи популаризација и заинтересираност и кај децата да влезат во овој спорт. Пак ќе потенцирам дека тука важна улога треба да одигра поголемото вложување од страна на државата. Се надевам дека овие мои апели нема да бидат сфатени како атак, туку како апел и поттик да се вложува повеќе во спортот кој многу ми значи и од каде што јас потекнувам,“ со голема доза на жал заклучува Александар Тасевски.