1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската економија не интересна за германскиот капитал

Горан Петрески22 октомври 2004

Од осамостојувањето досега германските компании инвестирале едвај педесет милиони евра.

https://p.dw.com/p/AcKP

Македонија да работи на подобрување на имиџот и да се труди да се наметне како привлечна бизнис дестинација за да си обезбеди место на Европската инвестициска мапа. Ова е германската порака за триесетината македонски бизнисмени кои деновиве во Минхен се промовираа пред своите баварски колеги. Германците признаа дека македонската економија има повеќе предности, но најмногу се интересираа за ефтината работна сила.

Македонските бизнисмени не очекуваат дека во Скопје ќе се вратат со договори за нови зделки но се надеваат дека барем ќе ги заинтересираат германците. Македонскиот амбасадор во Берлин Горан Рафајловски вели дека некои германски компании веќе покажале интерес.

За приватизацијата на ЕСМ се интересирал германскиот енергетски гигант ЕОН а за изработка на новите пасоши компанијата Бундес Друкераи. За ширење на бизнисот во Македонија е заитересиран и Сименс.

На македонскиот економски ден во Минхен имаше фирми од повеќе сектори. Текстилците се жалат дека се потешко се пробиваат на германскиот пазар, а кондиторските фабрики се надеваат дека и за нивните производи ќе се најде место на пребирливиот германски пазар.

Јосип Жупариќ е консулатант кој посредува меѓу германските и компаниите од земјите на поранешна СФРЈ. Вели дека се обидува што повеќе германски капитал да насочи кон југ. За Дојче веле го објаснува распоредот на германските инвестиции во поранешните ју републики.

"Македонија покрај Словенија и Хрватска, според мене е третата земја што е зрела за во Европската Унија а сеуште има поволна работна сила. Нормално дека Словенија е на прво место бидејќи е во срцето на Европа, близу до Австрија и е емоционално врзана за Германија. Хрватска секако е интересна поради туризмот, но таму се проблем високите даноци па од тој аспект Македонија е многу поинтересна за инвестирање од Хрватска”, вели хрватскиот консултант

Сепак гераманските компании досега не покажаа особен интерес за директни вложувања во Македонија. Од осамостојувањето досега германските компании инвестирале едвај педесет милиони евра.

Но сега бизнис климата во Македонија е подобрена, останува да се работи на имиџот, вели Готхард Фон Валенберг, советник во Германската компанија за инвестирање и развој.

"Јас гледам многу промени во Македонија, сметам на подобро. Ако погледнете на улица, има се повеќе автомобили, се повеќе ресторани, и ми се чини дека се поголем дел од урбаната популација живее подобро, но ќе треба уште многу напори додека Македонија си го најде местото на мапата на инвеститорите", порачува Фон Валенберг.