Македонската дијаспора на средба со Нимиц
11 ноември 2007Република Македонија има право на своето име без разлика на противењето на Грција, а разговорите на оваа тема треба да завршат со билатерален договор меѓу двете земји, му порачале на посредникот Метју Нимиц претставниците на македонската дијаспора во Северна Америка. На состанокот одржан во Њујорк, со Нимиц разговарале претставници на Македонските организации од САД и од Канада. Република Македонија не претставува закана за нејзините соседи. Напротив, постапките на Република Македонија се дијаметрално спротивни на грчкиот непопустлив став, кој наместо да промовира стабилност, предизвикува нестабилност и раздор на Балканот, гласела нивната порака до специјалниот пратеник на Обединетите нации за проблемот со името.
Претседателот на невладината Обединета македонска дијаспора, Мето Колоски за Дојче Веле изјави дека не може да го соопшти ставот на Нимиц кој произлегол во разговорите, но вели дека американскиот дипломат ги прифатил аргументите кои му биле претставени.
Нимиц во наредните неколку недели се очекува во посета на регионот, на разговори со политичкиот врв во Атина и во Скопје.