1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада најави ребаланс на буџетот

АТ/ АМ/ миа/ макфакс4 април 2012

Буџетот на Р. Македонија за 2012 година наскоро ќе претрпи ребаланс, при што се очекува кастрење на расходите за пет отсто, односно за седум до 7,5 милијарди денари.

https://p.dw.com/p/14Xit
Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Владата на Република Македонија во наредните 10 дена ќе направи ребаланс на Буџетот со кој ќе има намалување за пет отсто. Како што појасни министерот за финансии, Зоран Ставрески до корекција на државната каса ќе дојде поради случувањата во еврозоната и временските услови во првите три месеци, што влијаело на намалување на економската активност на компаниите и потрошувачката. Тој посочи дека целта на ребалансот е да се подобри ликвидноста на Буџетот и да се задржат ниските даноци.

„Со ребалансот ќе се подобри ликвидноста на Буџетот. (...) До крајот на годината ќе има стабилизирање на економската активност и буџетските приходи соодветно, но она што се случуваше во првите месеци од годината, под влијание на европската економска криза, ќе остави одраз врз вкупните буџетски приходи за целата година“, изјави Ставрески.

Тој додаде дека се очекува индустријата, градежништвото, земјоделството, сообраќајот, хотелиерството и туризмот да придонесат за постабилно одвивање на економската активност, а со тоа и реализација на планираните приходи.

Ставрески потенцираше дека зголемувањето на даноците, што го применија повеќето европски земји, наместо да ги намалат буџетските дефицити, не е добра мерка и оти таа ќе придонесе кон зголемување на трошоците за стопанството и ќе биде директен удар врз граѓаните.

Иако буџетските приходи во првото тромесечје од годината биле зголемени за 1,2 отсто во однос на истиот период лани, тие се за девет проценти под планираното. Ставрески информираше дека со кратење на трошоците ќе бидат опфатени сите сегменти, освен пензиите, платите, социјалните додатоци и субвенциите.

Планирано е буџетскиот дефицит да остане на планираните 2,5 отсто од БДП, а се очекува надолна корекција на растот на БДП, кој беше проектиран на 4,5 отсто. Претходно државниот буџет беше проектиран на 2,75 милијарди евра.