Македонија што поскоро во ЕУ
29 мај 2010Mакедонија нема друга алтернатива освен евроспка иднина, а за Меѓународната паневропска унија не постои проблем со името на земјата. Наспороти ваквите јасни недвосмислени и оптимистички пораки испратени денеска од властите во Скопје и од европските дипломати, Македонија е заглавена во фазата земја-кандидат поради спорот околу името со Грција. Поддршка за надминување на оваа блокада Македонија денеска доби на конференцијата на Паневропската Унија, невладина организација која се залага за идеалите на обединета Европа што се одржа во македонскиот парламент.
Претседателот на Меѓународната паневропска унија, Ален Тереноар, изјави дека оваа организација нема проблем со употребата на името Република Македонија, но повика проблемот со името да се надмине.
„Треба да се пристапи на разумен начин. Без разлика кои се психолошките, историски, политичките причини што се јавуваат како пречка, би требало да ги надминеме. Тоа важи за сите земји од Европа, независно дали се или не се членки на Унијата“, рече Тереноар.
Македонија останува на европскиот пат
Според официјално Скопје не постои никаква потреба за промена за европската ориентација на земјата. Македонија останува фокусирана на исполнувањето на копенхашките критериуми, дури и годинава да не почне преговори со Европската Унија, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски.
“Македонците се Европејци. Никој нема право да го негира европскиот карактер на Македонија и на нејзината нација, ниту да ја загрозува нашата европска иднина. Не постои никаква потреба за менување на европската ориентација на Република Македонија, ниту најава дека таа ориентација ќе се промени или дека нашиот пат и дело може да бидат поместени во иднина“, рече Наумовски.
Европа не е целосна без Балканот
Гостите од Европа порачаа дека би сакале да ја видат Македонија што побрзо во ЕУ бидејќи таму припаѓа од историска, географска и културна гледна точка. Денеска Европа не може да се смета за целосна доколку го немаме неопходниот придонес на Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово, Србија и Хрватаска е пораката која денеска уште еднаш е испратена од Скопје. Денеска Македонија е домаќин на конференцијата под мотото „ЕУ проширување: Меѓу Лисабонскиот договор и економското заздравување“. Меѓународната паневропска унија е најстара невладина организација во Европа што се залага за Европа и отсекогаш имала постојана, непроменета позиција во полза на влезот на Македонија во ЕУ.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Трајче Тосев