Македонија чувар на европските граници
29 декември 2007Репортажата на Франс 3 започнува на граничниот премин Богородица, на стотина метри од Грција – вратата на Елдорадо на сите оние кои сакаат да дојдат во Европа.
За многумина патот завршува на границата меѓу Македонија и Грција
Секоја година, илјадници илегалци се уапсени во нивните обиди да ја поминат границата пешки или пак скриени во камиони со двојни прегради, па дури и скриени под возилата. Француската новинарска екипа објаснува дека најголемиот број од илегалците се Албанци од Албанија, на кои не им треба виза за влез во Македонија. Но има и Кинези, Ирачани и Курди кои влегуваат преку Косово и Србија.
Нивното зборно место е Скопје, каде најголемиот број од нив со такси заминуваат кон пограничните градови со Грција, како во случајов Гевгелија. „Во ова такси-возило, кога го запревме имаше четворица албански илегалци. Шоферот беше наш државјанин.“ - раскажува командирот на пограничната полиција Стојче Трајков.
Осумдесетте полицајци кои работат под командата на Трајков, се задолжени за набљудувањето на 50 километри од границата. Границата со Европа не е тешка за премин, на граничната линија меѓу Македонија и Грција нема никаква пречка, освен полските насади, покажува камерата на француската телевизија.
Разбиени повеќе мрежи
Полицијата редовно апси илегалци и водичи, новинарот на Франс 3 нагласува дека македонската полиција, разбила повеќе мрежи за илегално преминување на границата. Но со трговијата со луѓе се заработува многу, од 500 до неколку илјади евра за еден премин. Затоа и молкот кај локалното население.
Но во Скопје, македонската Влада не ги затвора очите. Соработката со Европската унија е главниот приоритет.
„Реалност е дека Македонија е надворешна граница на Европската Унија, така можеме да кажеме дека Македонија е дел од штитот кој ја заштитува Европа“ – вели за француската телевизија Иво Котевски порт-паролот на министерството за внатрешни работи.
Македонија добар ученик на ЕУ
Македонија се претвори во чувар на европските „Шенген граници“. - „Оваа одговорност е тешка. Но денес, Скопје не ја крие својата намера да биде „добриот ученик на Европа“, за да стане нејзин дел колку што е можно побрзо. “- констатира на крајот од репортажата новинарот на телевизијата Франс 3.