1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Човековите права се кршат во сите сфери

10 декември 2010

Во светот денеска (10.12.2010) се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. Во Македонија, најчести прекршители на човековите права се државните органи и институции, полицијата и судовите, но и политичките елити.

https://p.dw.com/p/QUqW
Судовите се меѓу најчесто спомнуваните прекршители на човековите права во МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Во Македонија не се случува драстично кршење на човековите права, но постои прекршување на тие права во широк спектар од области“, предупредуваат за Дојче веле експертите и гласноговорниците на компетентните организации и институции.

Мирјана Најчевска, експерт за човекови права од Институтот за социолошки и правно - политички истражувања во Скопје, коментира: „Во овој момент во Македонија човековите права се кршат во сите сфери и тоа сите права: од образованието, социјалата, здравството, вработувањето, до се она што претставува кариерно напредување. Во секоја од овие области. Посебно би обрнала внимание на проблемот со дискриминација и тоа врз основа на уверување – политичко и од други видови. Во земјата сега е доминантно политичкото самоволие и во такви услови не може да станува збор за вистинско почитување, практикување и заштитување на човековите права“.

Државните органи и институции најчести прекршители на човековите права

Беса Арифи од Центарот за човекови права на Штуловиот универзитет во Тетово, смета:

„ Најголемите проблеми што се појавуваат во врска со примената на човековите права и нивното гарантирање се среќаваат најчесто кај државните органи. Тие се најчести прекршители на овие права. Не е доволно човековите права само да бидат декларирани во уставот и актите на државата, туку мора да бидат и спроведени, а за тоа се најнадлежни токму државните органи и нејзините органи. Во моментот кога тие органи започнуваат да се претвораат во првични прекршители на човековите права, тогаш дефинитивно, самата држава и нејзините граѓани се соочуваат со значаен проблем околу тоа.“

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Mirjana Najcevska

Таа конкретизира: „ Најпрвин ова се однесува на работењето на полициските органи и Министерството за внатрешни работи. Тие се појавуваат многу често како кршители на човековите права, особено во истражните постапки.“

Ана Стојковиќ, правен застапник на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, посочува: „ Оваа година најмногу беа на удар човековите права, кои се однесуваат на слободата на говорот, односно, слободата на изразувањето на граѓаните. Активистите за човекови права се соочуваа во текот на целата година со различни вербални напади од политичките чинители, од разни јавни личности, дури и од медиумите, што не било случај досега во Македонија.“


Во 2010 година 3700 претставки на граѓаните до македонскиот омбудсман

Уранија Пировска, портпаролката на народниот правобранител на Македонија, изнесува: „Граѓаните ги остваруваат и натаму со тешкотии своите уставни и законски права. Во канцеларијата на народниот правобранител на Македонија тие поднесоа лани 3600 претставки, а годинава досега околу 3700. Најголемиот број од претставките се однесуваат на судовите. Генерално, граѓаните немаат доверба во нив. Се уште не е мал бројот на претставките кои се однесуваат на работата на полицијата, но и на органите кои одлучуваат за сопственичките права на граѓаните, катастарот, министерството за финансии ... “

Besa Arifi
Беса Арифи од Центарот за човекови права во ТетовоФотографија: Sveto Toevski

На кои кршења на човековите права, односно, во кои области се жалеа годинава граѓаните на Тетово?

Заменичката на народниот правобранител на Македонија Марина Обадиќ одговара: „Годинава е забележлив бројот на претставки, во кои граѓаните се жалат на повредувањето на нивните права на судење во разумен рок, значи во судските постапки, особено за постапките по жалби, кои се одвиваат во Апелациониот суд во Гостивар.“

Најчевска предупредува: „Отсуството на контролни механизми и на ограничувања на власта, отсуството на нејзина отчетност и одговорност се, веројатно, најсуштинските моменти во прекршувањата на човековите права.“

Од октомври 2009 - та до септември 2010 - та граѓаните на Македонија поднесле 400 нови тужби против матичната држава во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Со тоа против оваа земја има вкупно 1222 жалбени апликации. Ова е веројатно уште еден индикатор за инфериорноста на граѓаните и нивните права наспрема државните институции и органи во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски