1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија треба да одржи избори без грешка

Александар Чомовски 30 јануари 2009

Меѓународната заедница испраќа јасни пораки: Властите во Скопје мора беспрекорно да ги организираат и спроведат локалните и претседателски избори, за непречен пат кон евроатланските интеграции.

https://p.dw.com/p/GjoE
Претстојните избори тест за државатаФотографија: AP

Во Македонија е потребно да се оддржат фер и демократски избори; земјата треба да најде компромис околу името-овие пораки деновиве постојано пристигнуваат до македонските власти од партнерите во НАТО и ЕУ.

Пораките пристигнаа од Брисел и преку директни разговори на високите европски дипломати, кои по непишано правило оддржуваат средби со претставниците на владата и лидерите од албанскиот блок во Тетово. Без оглед дали е тоа британската евроминистерка, Керолајн Флинт, комесарот за малцинства на ОБСЕ, Кнут Волебек, или адмиралот во НАТО, Марк Фиџералд, кој денеска е во посета на Скопје.

Вчерашната изјава на Волебек е интересна од друг агол. Тој смета дека е многу важно сите групи во Македонија да го знаат официјалниот јазик, покрај својот, и да имаат едукација со која ќе може да се интегрираат на работното место. Ваквиот став тој го изнесе по средбата со премиерот Никола Груевски.

„Добро е да се работи, а не само да се биде на платен список“ реагираше комесарот Волбек на информациите дека масовно се примаат Албанци на работа во јавната администрација и владата, и тоа во денови на предизборјето.

„Пулрализмот и демократијата“

Секој повод или собир се користи да им се укаже на политичките лидери во Македонија дека изборите треба да се одржат во демократска атмосфера. Партиите треба да имаат позитивен однос кон неистомислениците, а владата не треба да гледа непријателство во независно или спротивно мислење. „Се надевам дека тоа добро е познато,“ вели ЕУ амбасадорот Ерван Фуере. Тој учествуваше на собирот „Пулрализмот и демократијата“, што го организраа двете германски фондации „Конрад Аденауер“ и „Фридрих Еберт“. На собирот присуствуваа претставници од клучните партии на претстојните избори, но не и од владејачката ВМРО -ДМПНЕ.

Во неколкуте последни јавни настапи, шефот на фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска до владејачката партија, потсети на обврската Македонија во март да обезбеди регуларни и чесни избори. Анри Бонет смета дека по минатогодишните парламентарни избори кои беа критикувани од меѓународната заедница, претстојниот изборен процес е многу важен. „Според она што го следам преку медиумите, имам чувство дека решавачките фактори во Македонија, знаат дека изборите мора да бидат слободни и демократски,“ порача Анри Бонет, шеф на канцеларијата на фондацијата „Конрад Анденауер“ во Скопје.