1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија сѐ повеќе увезува храна од странство

Свето Тоевски16 октомври 2013

Македонија станува се поголем увозник на храна, наместо да биде извозник. Таа има многу плодно земјиште, но, неговата искористеност е намалена за една третина, наспроти порастот на државните субвенции

https://p.dw.com/p/1A0Td
Фотографија: DW/A. Trajkovska

Светскиот ден на храната 16-ти октомври е повод да се актуелизира прашањето: колку храна се произведува во Македонија и со каква политика таа настапува во пресрет на моментите кога цените на прехранбените производи во светот ќе започнат да бележат драматични поскапувања?

Тања Михајловска од Секторот за односи со јавноста на македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнува: „Производството на храна во некои подсектори и гранки бележи пораст додека во одредени сегменти се одржува на задоволително ниво. Производството на житните култури во последните неколку години е стабилно, имајќи ги предвид неповолните агроклиматски услови. Површините под пченица во 2013 година се зголемени за околку 1.400 хектари и е остварено производство од околу 280 илјади тони: за околу 30 проценти повеќе наспрема лани. Преработките на овошје и зеленчук во 2012 година изнесувале 54 илјади тони наспрема 21 илјада тони во 2003 година. Производството на ефтина и квалитетна сточна храна многу влијае врз сточарското производство, кое е стабилно во овие неколку години.“

Татјана Прентовиќ од државниот Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје смета поинаку: „Состојбите во земјоделско-прехранбениот сектор се влошени. Не се искористени двесте илјади хектари, односно 30 проценти од обработливата земјоделска површина. Наводнуваните површини се намалени за 36 отсто. Намалени се посеаните култури речиси кај сите култури, особено важни за македонскиот агрокомплекс. Драстично се намалува добитокот во сите категории, освен свињите. Аграрната политика не ги дава посакуваните ефекти.“

Без оглед што земјата располага со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, таа не успева да се прехрани самата. Се повеќе извезува раноградинарски производи (суровина или примарен производ), а многу малку преработки. Големите агрокомбинати од регионот и од други држави од ефтино купените македонски домати и пиперки произведуваат ајвар и други продукти и ги продаваат како скап артикл во Македонија. Таа е пред закана да го изгуби во голема мера производството на храна и да остане обична суровинска основа, која други обилно ќе ја користат.

Symbolbild Lebensmittelüberfluss
Фотографија: Getty Images

Бадијала субвенции

Професорката Прентовиќ посочува: „Увозот на храна е повеќе од двојно поголем од извозот. Во 2000 година извозот на храна донел 66 милиони долари, а во 2011-та 373 милиони долари. Увозот на храна порасна од 211 милиони долари во споменатата година на 672 милиони долари лани. Освен зголемен извоз на овошје и зеленчук, каде што константно има суфицит во трговската размена, нема зголемен извоз на готови производи, или поголем пласман на земјоделски производи на светските пазари. Иако во последните три години се исплатени повеќе од 84 милиони евра субвенции во сточарството, најмногу се увезуваат месо и преработки од месо.“

Михајловска реплицира: „Стратегиска цел на националната земјоделска политика е зголемување на конкурентноста на земјоделското производство и особено на подсекторите со споредбени предности и извозен потенцијал, заради натамошно зголемување на нивното учество на домашниот и надворешните пазари. Во структурата на увозот на земјоделски и прехранбени производи, покрај месото, дел од пченицата која не се покрива од домашно производство, маслото, шеќерот и сличните преработки, учествуваат и земјоделските производи, за кои нема услови да се произведуваат во државата. Континуираното зголемување на извозот на конкурентните земјоделски производи зборува за добрата политика на поддршка на здравиот сегмент на македонскиот аграр.“

Храна без гаранција!

Годинашното мото на Светскиот ден на храната обрнува внимание на нејзината безбедност. Колку е таа сигурна за здравјето на граѓаните?

Галаба Атанасова, од Одделот за врски со јавноста во државната Агенција за храна и ветеринарство, одговара: „Граѓаните јадат безбедна храна од домашно производство и од увоз. Од почетокот на годинава заклучно со август инспекциските служби на Агенцијата извршиле 8 илјади контроли на храна од неживотинско потекло во разни објекти. Како небезбедни уништени се 54,5 тони масло за јадење, пекарски производи, безалкохолни пијалоци ... Контролирани се 11.489 пратки со храна од увоз и е изречена забрана за 16 пратки. Извршени се 4.936 ветеринарски контроли во кланици, млекарници, собирни центри за јајца ... Повлечени се и уништени се 127 тони месо, производи од месо, млеко и млечни производи, риби и јајца“.

Markt in Skopje
Фотографија: DW

Прентовиќ заклучува: „Храната која ја јадат граѓаните на Македонија е под потребното ниво на квалитет и безбедност, бидејќи во голем дел не се спроведени стандардите што обезбедуваат здравствена безбедност на граѓаните. Државата треба многу финансиски да помогне за покривање на трошоците за воведување на стандардите за безбедност и квалитет на храна, како што се „HACCP“, „GLOBALGAP“ и „ISO“. Во моментов се уште немаме стандардизиран квалитет на многу производи и затоа од овој аспект не може ни да се гарантира за здравјето на граѓаните.“