Македонија станува дел од гасоводот „Јужен поток“
3 јули 2012Денешното (03.07) предавање на нацрт-спогодбата е потврда од Владата на Руската Федерација и „Газпром“ дека Македонија е дел од овој енергетски проект, чија изградба треба да почне на крајот на оваа година, а да заврши до крајот на 2015: „Веќе нема дилема Македонија се вклучува во меѓународниот гасоводен коридор „Јужен поток“, како што беше усогласено со премиерот Никола Груевски и претседателот Владимир Путин. Го добивме текстот на нацрт-спогодбата за приклучување на Македонија во „Јужен поток“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Нижни Новогород, каде се одржа 6. седница на Мешовитата македонско-руска комисија.
Откако правни и енергетски експерти ќе ја проучат спогодбата и ќе се доусогласи текстот како и во другите седум држави кои се вклучени во проектот, ќе треба да се формира мешовита компанија која ќе работи на реализација на кракот од гасоводот во Македонија. Реализацијата на целиот проект се очекува да почне на крајот на декември оваа година и да заврши до крајот на 2015, а зависно од деталите понатаму ќе се види кога точно ќе биде изграден кракот кон Македонија.