1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со години ја крстосуваат радикални групи

Горан Петрески3 мај 2012

Безбедносни експерти тврдат дека надлежните имале информации за движењето на овие групи но не преземале мерки оти сметале дека ситуацијата е под контрола. Предупредуваат дека е можна одмазничка акција .

https://p.dw.com/p/14oPC
Фотографија: MIA

Заврши распитот на осомничените за велигденскиот масакар, поголемиот број од уапсените заработија мерка притвор. Јавниот обвинител Љупчо Шврговски најави дека ќе побара максимална казна, доживотен затвор за извршителите на петкратното убиство. Очекува дека полицијата ќе поднесе издржана кривична пријава против осомничените терористи, поткрепена со докази за да може обвинителството лесно да ја процесуира. Додека истрагата продолжува во вообичаениот тек, во јавноста лебдат прашањата за безбедноста во Македонија. Колку земјата е имуна на тероризам, можен ли е нов напад, има ли и други радикални исламистички групи кои делуваат на територијата на Македонија. Дојче Веле побара одговор од безбедносни експерти, луѓе кои порано раководеле со безбедносните агенции.

Пивоваров: Радикалните групи се одамна во нашиот двор

Mazedonien Polizei Razzia Terrorismus Islamismus
Фотографија: MIA

Професорот Владимир Пивоваров, поранешен шеф на разузнувачите во одбраната вели дека одамна предупредувал оти во Македонија има радикални структури.

„Овие изјави беа уште пред три години кога во Босна и Херцеговина, во Санџак, во Косово, ваквите организации почнаа да дејствуваат на сличен начин како сега во Македонија. Тогаш упорно тврдев дека ваквите организации го сменија системот, начинот на дејствување, методите и веќе се во нашиот двор. Дека безбедносните служби треба да бидат многу внимателни, перманентно, 24 часа, да бидат на штрек во врска со ваквите проблеми“.

Митевски: Службите знаеа, ама се плашеа да интервенираат

Категоричен во ставот дека радикални групи со години ја крстосуваат Македонија е и Горан Митевски, поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање. Го прашавме зошто надлежните не реагирале ако знаеле за нивното присуство.

Mazedonien Polizei Razzia Terrorismus Islamismus
Фотографија: MIA

„Јас мислам дека сите се плашеа по 2002 година да преземат енергична акција против овие групи кои беа стационирани во кумановско липковскиот регион од реакција од исламските структури во регионот не само во Македонија, да не се случи некоја одмазничка акција против македонските безбедносни сили. Од тие причини мислам дека се до денес не беа преземени мерки иако службите имаа информации за постоење на такви групи во Македонија“,објаснува Митевски. Професорот Пивоваров тврди дека во повеќе наврати барал акција за неутрализирање на радикалните групи.

“За жал тогаш добив одговор дека се’ е под контрола“, вели Пивоваров.

Митевски предупредува дека е можна одмазничка акција.

„Дефинитивно ова нема да заврши сигурно тие ќе се стрпат кратко време ќе се прегрупираат и ќе испланираат акција насочена против безбедносните сили на Македонија“.

Во завчерашната полициска акција беа уапсени 20 луѓе. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска објасни дека неколкумина од нив се осомничени за петкратното убиство што на 12 април се случи кај селото Смиљковци и ја разниша стабилноста на земјата.