1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се приклучува на „Јужен поток“

1 октомври 2010

Македонија ќе се приклучи кон гасоводниот проект „Јужен поток“, се согласија денеска (01.10.2010) во Скопје претставниците на македонската влада и рускиот гигант „Газпром“.

https://p.dw.com/p/PS75
Македонија со крак треба да стане дел од важниот проектФотографија: San Jose / Patrol110

Двете страни не потпишаа договор, но се согласија земјата со крак да се приклучи на гасоводот во делот кој поминува низ Бугарија од каде Македонија ќе се снабдува со овој енергенс.

Македонскиот министер за финансии Зоран Ставрески и претставникот на „Газпром“ Леонид Чугунов по средбата изјавија дека пред да започне целиот процес ќе мора да се извршат технички испитувања и подготовка на теренот на кој би се градел кракот. Колку ќе чини овој проект ќе се знае по извршените мерења на теренот. Од резултатите ќе зависи дали рускиот клириншки долг во износ од 60 милиони долари ќе биде доволен, или ќе бидат потребни дополнителни пари од државниот буџет.

Шпекулациите за времетраењето на процесот се неблагодарни

Колкав период би бил потребен за Македонија целосно да го заокружи процесот на гасифицирање засега не може со сигурност да се каже. Според некои проценки, за тоа ќе бидат потребни најмалку пет до десет години. Универзитетскиот професор Миле Димитровски во изјава за Дојче веле смета дека е добро земјава да биде поврзана со светските извори на природен гас од повеќе страни. За времетраењето на реализација на процесот не сака да шпекулира:

„Мислам дека секоја проценка би била случајна бројка, доколку не знаеме со која динамика владата ќе издвојува средства за финансирање на проектот, или преку носење на национална стратегија за гасификацијата. Се разбира дека бенефитите ќе се почувствуваат подоцна, кога ќе се создадат услови за користење на гасот во домаќинствата . Јас се надевам дека двојното приклучување и реализацијата на гасоводниот прстен ќе ни даде шанса за забрзување на процесот.“

Stavreski Pesevki und Cugunov Gazprom
Вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски со претставникот на „Гаспром“, Леонид Чугунов на денешниот прес во СкопјеФотографија: MIA

Проектот „Јужен поток“ е руски стратешки интерес, а целта е да се заобиколи Украина во транспортот на рускиот гас кон Западна Европа. Во исто време, Европската унија го форсира проектот за гасоводот „Набуко“ - за транспорт на гасот од Каспискиот басен и Средниот Исток, кој треба да ја намали европската зависност од рускиот гас. Според проценките, гасот, кој е поевтин од нафтата за 40 проценти, ќе биде најзначајниот енергенс во Европа во 21 век.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска