Македонија се обврза да ги исполни сите услови неопходни за членство во ЕУ
19 септември 2006Гостите од Брисел, предводени од директорот Пјер Мирел, се задоволни од состанокот на Комитетот за стабилизација и асоцијација и од делот за напредокот во многу области што им го елаборирала македонската страна. Но, во Брисел ќе бидат пренесени и следните забелешки:
“Секако дека ја изразивме нашата загриженост за одложувањето на усвојувањето на законот за полиција, за тешкотиите во телекомуникацискиот сектор и секако разбираме што може да се случи од кадровските смени во администрацијата“, изјави Мирел.
Тој ја повика власта во Скопје на дијалог со опозицијата, невладиниот сектор и граѓанското општество, со цел да се дојде до консензус и што побрзо да се стасаат реформите, кои по правило се тешки и имаат политичка и финансиска цена.
Европа бара квалитет, а не квантитет. Македонската влада се обврзала до 2010 година да ги исполни сите услови што се неопхдни за членство во ЕУ. Засега евродипломатите ги пофалиле реформите во неколку сектори, изјави Драган Тилев, државен советник во секторот за евроинтеграции: “Она што беше нотирано од страна на Европската комисија, особено беше напредокот во транспонирањето на законодавството и тоа и во делот на царина, и на даноци, особено во делот на правда и внатрешни работи, во сите сегменти кои овој дел ги покрива, судството, антикорупциските мерки, полициските реформи и.т.н.“
Двондевниот состанок во Скопје е особено значаен зашто е прв откако земјата доби статус кандидат за членство и особено поради тоа што му претходи на октомврискиот изваештај на Европската комисија, во кој се очекува збирна оценка за темпото со кое Македонија се движи на патот на евроинтеграциите.