1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија пред тежок испит против Полска

19 јануари 2009

Светското првенство во ракомет во Хрватска влегува во жешка фаза. Денеска стартува третото коло од натпреварите по групи. Македонија нема право на кикс против Полска доколку сака да обезбеди натамошен пласман.

https://p.dw.com/p/GbKi
Македонската ракометна репрезентацијаФотографија: Petr Stojanovski

Натпреварите од двете одиграни кола на Светското првенство во ракомет во Хрватска покажаа дека светската јавност ќе биде сведок на возбудливо, интересно и многу неизвесно првенство. Една од најинтересните и најсилните е групата „Ц“ во која покрај Македонија, настапуваат актуелниот светски шампион Германија, вицепрвакот Полска, силната Русија, како и Тунис и Алжир. Македонските ракометари по непланираниот пораз на стартот против Тунис, од 25:24, синоќа во Вараждин, го декласираа Алжир со 32:19. Македонските репрезентативци одиграа одличен натпревар во кој постојано беа во офанзива. Најдобар во македонските редови беше голманот Петар Ангелов, кој одбрани 19 удари на противникот. Повторно најефикасен беше Кире Лазаров со девет постигнати голови. По две одиграни кола Македонија е на четвртата позиција во групата „Ц“ со два освоени бода. Дали шансите за освојување на третата позиција што води во вториот круг се реалност или само желба, ќе покаже денешниот дуел на избраниците на селекторот Илија Темелковски против Полска, која покажа дека е во одлична форма. Полјаците со максимални четири бода се на првата позиција на табелата.

Веднаш зад Полска, на втората позиција е актуелниот светски првак, репрезентацијата на Германија. По стартното реми против Русија, избраниците на селекторот Хајнер Бранд вчера во Вараждин ја забележаа првата победа против Тунис со 26:24. Германците повторно имаа големи проблеми, пред се’ во одбраната. Сепак, до победата дојдоа заслужено. Најдобар стрелец со шест постигнати голови беше Паскал Хенс од тимот на „Хамбургер“. Плејмејкерот и капитен, Михаел Краус, кој се врати по повредата на мускулот, постигна три гола. Германија вечерва во третиот дуел за противник го има Алжир. Селекторот Бранд очекува сигурен триумф што ќе ги отвори вратите за втората рунда. Во третиот натпревар од групата „Ц“ се среќаваат Русија и Тунис.

Olympia 2008 Deutschland Dänemark Handball Herren
Михаел Краус, капитенот на ГерманијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Без изненадувања

Инаку, и во останатите групи, фаворитите засега се без проблеми. Актуелниот олимписки првак, репрезентацијата на Франција, по две кола е на делба на првата позиција во групата „А“, со Словачка и Унгарија, кои имаат идентичен број на победи, но подобра гол разлика. Максимални четири бодови во групата „Б“ имаат Шпанија, Шведска и домаќинот Хрватска, која синоќа го декласираше Кувајт со 40:21. По две одиграни кола во групата „Д“ како фаворити се издвојуваат Норвешка и Данска, кои имаат по максимални две победи. На третата и четвртата позиција се Египет и Србија, кои имаат по еден пораз и една победа.

Волф не го одбрани златото

Германската репрезентативка во брзо лизгање, Џени Волф, на Светското првенство во Москва го освои сребрениот медал. Бранителката на титулата од Берлин, вчера освои двојна победа на трките на 500 метри, но поради слабиот резултат на 1.000 метри мораше да ја предаде севкупната титула во четирибој на Ванг Беиџинг од Кина. Волф, по вчерашните нејзини настапи, изјави дека одличните резултати што ги постигнала на 500 метри не биле доволни за освојување на титулата, но сепак се еден вид утеха за неа. „Задоволна сум со освоениот сребрен медал“, изјави Волф.

Добар резултат во Москва постигна Ани Фризингер. По долгата пауза поради незгодната повреда, Германката победи на завршната трка на 1.000 метри со рекордно време од 1:16,01. За нејзе ова беше прва победа во сезоната, која во вкупниот пласман и’ го донесе шестото место.

Подолски се враќа во „Келн“

Во Германија, покрај ракометот, вниманието на спортската јавност е насочено кон случувањата во фудбалската Бундеслига. До стартот на пролетниот дел на првенството остануваат уште нецели две недели. Актуелни се подготовките, но секако и трансферите на фудбалерите. Германскиот фудбалски репрезентативец од редовите на „Баерн Минхен“, Лукас Подолски, денеска и официјално потврди дека на крајот од пролетната сезона се враќа во неговиот матичен клуб, „Келн“. Популарниот „Полди“ во писменото соопштение наведува дека со раководството на „Келн“ била постигната согласност за договор што ќе стартува од први јули 2009 година со што и дефинитивно е ставен крај на шпекулациите за неговата иднина.

Podolski zurück nach Köln
Лукас ПодолскиФотографија: AP

Сумата што „Келн“ ќе ја плати како обесштетување, според информациите, ќе изнесува десет милиони евра. Дваесетитригодишниот напаѓач пред три години за исто толкава сума замина во редовите на „Баерн Минхен“. Инаку, во писменото соопштение, Подолски нагласува дека одлуката за враќање во неговиот стар клуб ја донесол по неколкуте сериозни разговори со тренерот Кристоф Даум. Подолски се радува на претстојниот предизвик, но истовремено нагласува дека до наредното лето неговата концентрација ќе биде целосно насочена кон „Баерн Минхен“. Други детали од договорот засега не се соопштуваат.