1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија првпат на Медитеранските игри

Златко Калински10 март 2013

По приемот во „ спортското семејство“ на земјите од Медитеранот, Македонија се подготвува за своето прво учество на Медитеранските игри, чиј домаќин од 18-30 јуни ќе биде турскиот град Мерсин.

https://p.dw.com/p/17uF7
Фотографија: Fotolia/lakeemotion

Медитеранските игри се старо и престижно спортско натпреварување на земјите од Средоземјето. Во друштво на спортските велесили  Италија, Франција, Шпанија, Турција, Грција и другите земји од Медитеранот, првпат ќе биде и Македонија. Спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, за Дојче веле зборува за предизвикот испречен пред македонскиот спорт:

„Медитеранските игри се добра шанса македонскиот спорт да се претстави во убаво светло. Тоа е натпреварување кое ни дава можност да освоиме и некој медал. Оттаму, нашата интенција е да настапиме, во што е можно подобар состав и во екипните и во индивидуалните спортови.“

Мини Олимпијада

Спортистите од 30-тина земји го сочинуваат ова натпреварување, кое е своевиден пандан на Олимписки игри, со оглед на бројката од 28 застапени спортови. Владимир Богоевски, поранешен  учесник и носител на два златни медали во одбојка од Медитеранските игри, зборува за натпреварувачкиот квалитет:

„Во времето кога јас настапував во 70-тите години, Медитеранските игри имаа многу висок квалитет. Тие беа  престижни, бидејќи редовно се одржуваа една година пред Олимписките игри и сите селекции обично доаѓаа во најсилен состав. Тоа им беше одличен тест на  подготвеноста. Последните неколку натпреварувања се со малку разводнет квалитет. Земјите-велесили доаѓаат со мешан, подмладен состав. Но, од аспект на силата на македонскиот спорт, ова натпреварување ни дава можност да го провериме нашиот квалитет, со шанса да освоиме и некој медал.“

Vladimir Bogoevski
Владимир БогоевскиФотографија: Zlatko Kalinski

Каков ќе биде натпреварувачкиот состав кој ќе ја претставува Македонија на своето деби на Медитеранските игри? Богоевски информира дека многу брзо ќе започне да се прави списокот на патниците за Мерсин. На состанок на МОК и на  генцијата за млади и спорт, ќе се детализира настапот:

„Тоа значи и утврдување на критериумите за учество. Во моментов сигурни учесници на Игрите се машката и женската ракометна селекција, потоа кошаркарската, одбојкарската и фудбалската репрезентација на Македонија. Само овие 5 селекции подразбираат околу 100 патника на списокот. Тука се и индивидуалните  спортови, од кои ќе бидат избрани само најквалитетните поединци.“

Квалитетот на ова натпреварување обврзува и добра подготвеност на македонските спортисти?

„Македонскиот олимписки комитет, веќе започна со поддршка на дел од учесниците на Игрите. Ракометната репрезентација од МОК доби 20 илјади долари за подготовки за неодамнешното светско првенство, на атлетичарите им плативме подготовки во Црна Гора, им помогнавме и на борачите и на боксерите. Истото го прави и Агенцијата за млади и спорт. Мислам дека со заеднички напори можеме да им обезбедиме добра подготвеност. Сакам да потенцирам дека на ова натпреварување ќе настапат само најдобрите, оние за кои сметаме дека ќе направат добар резултат. Имаме одлична соработка со Олимпискиот комитет на Турција, па сметам дека наша обврска кон домаќинот е да настапиме во најсилен состав.“

Турција подготвува одлични игри

Околу тоа какви се сознанијата за Мерсин, за амбиентот во кој ќе се натпреваруваат спортистите од Медитеранот, Богоевски вели:

„Бев  на состанокот на водачите на спортските мисии на  земјите учеснички, кој се одржа во Мерсин. Бев многу пријатно изненаден од она што го видов. Турскиот олимписки комитет, кој е носител на организацијата, подготвува одлични Игри. Спортистите ќе бидат сместени во 7 олимписки села со оптимални услови за претстој. Повеќето од половината  борилишта се нови, модерни. Верувам дека за време на Медитеранските игри ќе бидат исполнети, бидејќи Мерсин е град со 1 милион и 700 илјади жители, а знаеме колку спортот е популарен во Турција“, вели Владимир Богоевски.