1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија потфрли на ЕП

Златко Калински10 септември 2013

Македонија го заврши настапот на Европското првенство во Словенија. Лазар Лечиќ коментира: на вакви квалитетни кошаркари им беше потребна подобра физичка подготвеност за да можат да го издржат напорот на првенството.

https://p.dw.com/p/19eYm
Фотографија: Samuel Kubani/AFP/Getty Images

Отпатуваа во Словенија да го бранат 4-то место од пред две години во Литванија. Се враќаат дома по само 5 одиграни натпревари. Билансот е една победа и 4 порази! Резултат под сите очекувања на македонската кошаркарска јавност. Лазар Лечиќ, најголемото македонско тренерско име за Дојче веле ги коментира случувањата во Словенија:

„Ова е исклучително слаб резултат. Генерацијата, која полека си заминува, многу потфрли.“

Лоша подготвеност

Каде Лечиќ ги гледа причините за ваквиот епилог?

„Мислам дека целата оваа работа беше несериозна. Подготовките не беа добри. Пред се‘ паднавме на кондициски план. На вакви квалитетни играчи им беше потребна подобра физичка подготвеност за да можат да го издржат напорот на Европското првенство.“

Порази од Црна Гора, Литванија, Босна и Херцеговина и Летонија и само еден блесок против Србија е учинокот на македонската селекција:

„Четири порази и една победа е резултатско фијаско.Против Србија беше единствениот добар настап на Македонија. Само во тој натпревар одигравме ’машки’, особено во одбраната и уверливо ги победивме.“

Lazar Lecic
Лазар Лечиќ со Марин ДокузовскиФотографија: Petr Stojanovski

Главниот товар на играта на македонскиот состав го понесоа само 7 играчи. Може ли натпреварување какво што е Европското првенство да се одигра со толку мал број на кошаркари? Лечиќ вели дека тренерот е тој што решава:

„Тоа зависеше од тренерот, од неговата тактика и од концептот што го имал во подготвителниот период. Според мене имаше натпревари на кои некои играчи премногу играа. Мислам дека имаше ситуации кога можеше да ги искористи и можностите на помладите играчи за да се добие во агресивност и во борбеност. Но, на тренерот е определбата кој каква задача ќе добие и кој ќе игра, а кој не.“

Чекорот со Европа е загубен

Македонија во периодот од историскиот успех во Литванија не успеа да исфрли ново име кое со својот квалитет би било пандан на играчите во заминување, Антиќ, Гечевски, Илиевски... Лечиќ смета дека во подолг периот малку е направено на тој план:

„Не две, ние 7 години ги користиме само оние играчи, наследени од минатато. Нови, речиси и да нема. Има и уште еден момент! Мислам дека беше погрешно, што во еден релативно кус циклус се сменија дури тројца тренери.Тоа беше причината поради која не отидовме на Олимписките игри, потоа резултатски лошо минавме и на Медитеранските игри во Мерсин. Европското првенство е завршниот крах.“

Како натаму по резултатскиот неуспех во Словенија?

„Оние што ја водат македонската кошарка требаше да ме прашаат уште пред 4 години за тоа во која насока мора да се движи нашата кошарка. Во моментов многу доцниме и ќе биде многу тешко да се фати нов чекор!“ во свој стил Лазар Лечиќ го завршува разговорот за Дојче веле.