1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија посветена на решавање на спорот за името

9 јануари 2012

Македонија конструктивно ќе учествува во разговорите за спорот околу името, државниот врв тоа го очкекува и од Грција, соопштено по вчерашната координација во пресрет на новата рунда преговори во Њујорк.

https://p.dw.com/p/13gGM
Средба на државниот врв (архива)Фотографија: MIA

Република Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Република Грција за разликата околу името под покровителство на ОН. Нејзин интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале евроатлантските интеграции. Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна.

Ова се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов по двочасовната средба за координација на државниот врв што тој ја свика за текот на разговорите што се водат под покровителство на ОН во пресрет на претстојната рунда разговори со амбасадорот Метју Нимиц во Њујорк.

На координативниот состанок, на кој присуствуваа претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Муса Џафери и министерот за надворешни работи Никола Попоски, изразена е надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН.

„Република Македонија очекува од Република Грција да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во согласност со Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право“, се вели во соопштението.

Воедно, се додава, државниот врв на Република Македонија, во духот на разбирањето и меѓусебното почитување, повторно повика на конструктивност пред претстојната рунда разговори и подава рака на пријателство и добрососедство кон Република Грција.

„Државниот врв, поаѓајќи од скорешните настани од грчка страна, стравува од стагнирање на суштински разговори. Сепак, уште еднаш изразува подготвеност и отвореност за сериозно динамизирање на разговорите со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение“, се посочува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата.

На почетокот на годинава специјалниот посредник на Обединетите Нации во решавањето на спорот за името помеѓу Македонија Грција, Метју Нимиц, ги покани на средба на 16-ти и на 17-ти јануари претставниците на двете страни во разговорите, амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Двете страни ја прифатија поканата на Нимиц.

Matthew Nimitz
Амбасадорот Метју НимицФотографија: Petr Stojanovski

Амбасадорот Нимиц, како што беше соопштено, првично ќе се сретне поединечно со секој од претставниците и ќе се обиде да изнајде заеднички прифатлив пристап да им се даде нов импулс на разговорите и да се направи значаен прогрес кон решавање на спорот за името.

Димас: Грција го поддржува активирањето на преговарачкиот процес

Грчкиот министер за надворешни работи Ставрос Димас пак во интервју за вчерашното издание на весникот „То Вима“ изјави дека Грција го поддржува активирањето на преговарачкиот процес и оти во рацете на премиерот Никола Груевски е брзо изнаоѓање на решение за спорот за името што се води меѓу двете земји.

„Грчката страна е подготвена и го поддржува активирањето на преговарачкиот процес. Не се плашиме од решение, туку го бараме. Сакаме да видиме дека соседната земја напредува во процесот на интеграциите кон ЕУ и НАТО. Во рацете на Груевски е брзо да најде решение. Наместо да бара или создава изговори за да ја обвини Грција, подобро е да се фокусира на преговорите за изнаоѓање решение за доброто на двете земји, рече Димас запрашан дали грчката страна е подготвена да влезе во преговори со Македонија за името, односно дали стравува од притисок во прсерет на самитот на НАТО закажан за месец мај.

Автор: ЖА/ АТ/ миа

Редактор: Борис Георгиевски