1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија поразена од Хрватска

АТ/ миа8 септември 2012

На фудбалските терени низ Европа вчера беа одиграни 23 натпревари од 1.коло во Мундијалските квалификации. Македонската репрезентација, иако во Загреб одигра добар натпревар, сепак е поразена од Хрватска со 1:0.

https://p.dw.com/p/165NB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во првиот свој натпревар од новиот квалификациски циклус, во 1. коло од групата А, фудбалската репрезентација на Македонија гостуваше на „Максимир“ во Загреб, каде против деветтата светска фудбалска сила Хрватска е поразена со 1:0. Единствениот гол на натпреварот го постигна Никица Јелавиќ во 68. минута.

Во првото полувреме Хрватите го имаа поголемиот посед на топката, но Македонците упатија повеќе удари кон противничкиот гол, а најопасен беше оној од капитенот Горан Пандев во 42. минута кога ја погоди гредата на домашниот гол. Вториот дел Хрватска го започна многу офанзивно, но нивните напади беа неутрализирани, а голот го постигна од полуконтра преку нововлезениот Јелавиќ.

На вториот вчерашен дуел од групата А, Белгија како гостин славеше против Велс со 2:0, додека денеска од 16 часот играат Шкотска и Србија.

Fußball WM-Qualifikation Deutschland Färöer Inseln
Германија ги порази Фарските островиФотографија: Reuters

Резултати на натпреварите во другите групи:

Б група: Малта - Ерменија 0:1, Бугарија - Италија 2:2, Данска – Чешка (играат вечерва од 20:15 часот).

Ц група: Казахстан - Република Ирска 1:2 и Германија - Фарски Острови 3:0.

Д група: Естонија - Романија 0:2, Андора - Унгарија 0:5 и Холандија - Турција 2:0.

Е група: Албанија - Кипар 3:1, Словенија - Швајцарија 0:2 и Исланд - Норвешка 2:0.

Ф група: Русија - Северна Ирска 2:0, Азербејџан - Израел 1:1 и Луксембург - Португалија 1:2.

Г група: Лихтенштајн - Босна и Херцеговина 1:8, Литванија - Словачка 1:1 и Летонија - Грција 1:2.

Х група: Црна Гора - Полска 2:2 и Молдавија - Англија 0:5.

И група: Грузија - Белорусија 1:0 и Финска - Франција 0:1.

Натпреварите од 2.коло ќе се одиграат во вторник (11 септември).