1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија положи важен испит на зрелост

6 јуни 2011

Досегашниот политички курс во Македонија, по вонредните парламентарни избори, веројатно нема позначително да се промени.

https://p.dw.com/p/11VFK

Прогнозите за исходот на изборите се потврдија, но, за среќа, не и стравувањата од можни инциденти и насилство. Носителот на коалицијата „За подобра Македонија“, ВМРО ДПМНЕ, партијата на премиерот Никола Груевски, победи на изборите, а нејзиниот досегашен партнер во владата - ДУИ и натаму е најсилна партија на македонските Албанци. Така се создадени сите предуслови за продолжение на досегашната владина коалиција и нејзината политика.

Но, и покрај тоа, нема се’ да остане сосем како и досега. ВМРО ДПМНЕ веќе нема апсолутно мнозинство во парламентот и сега ќе мора повеќе да води сметка и за интересите на својот коалиционен партнер. Социјалдемократите, навистина, мораат да останат во опозиција, но од изборите излегоа значително посилни и охрабрени, освојувајќи речиси дваипол пати повеќе пратенички мандати во споредба со изборите од пред три години. Новата, веројатно истовремено и стара коалиција, значи, може да продолжи каде што застана пред изборите, но во иднина мора да смета на посилен отпор во парламентот.

ВМРО ДПМНЕ, партија со цврста структура и верни избирачи, победи на изборите, оти ништо не му препушти на случајот. Со офанзивна предизборна кампања и со остра реторика во однос на политичкиот противник СДСМ, таа успеа да се претстави себе си како доследна, како партија која ги исполнува ветувањата, успеа да ги убеди граѓаните дека е реформска партија, и да ја префрли врз социјалдемократите вината за неуспешната транзиција, чиј резултат се високата невработеност и сиромаштија.

Зоран Јордановски, автор на коментарот
Зоран Јордановски, автор на коментарот

Но, тоа е само половина од вистината. По осамостојувањето на Македонија ВМРО ДПМНЕ е речиси исто толку долго на власт, колку и СДСМ. Ни енормното зголемување на задолжувањето на државата во изминатите пет години со влада предводена од ВМРО ДПМНЕ, очигледно не се одрази негативно во свеста на граѓаните.

Социјалдемократите, пак, се чини како повеќе да профитираа од префрлувањата за корупција во владата, односно во партиите од владината коалиција и некои од нивните челници, како и од незадоволството во дел од општеството со стилот на владеење на Никола Груевски, кој опозицијата го означува како „диктаторски“, отколку што ги убедија избирачите со својата партиска програма.

ДУИ останува неспорно партија број еден кај македонските Албанци. Главниот конкурент ДПА не успеа да се наметне со својот концепт за федерализација на Македонија. И тоа зборува во прилог на продолжување на досегашната коалиција, иако чисто математички е можна и друга констелација.

На Македонија и’ е потребна силна влада поради големите економско-социјални проблеми. Останува отворено прашањето дали Никола Груевски ќе може да направи исчекор во спорот со Грција околу името на Македонија, оти со тоа би била доведена под прашање неговата лична веродостојност и меѓу неговите најверни приврзеници.

Иако предизборната кампања се одржа во напната атмосфера, изборите поминаа во голема мера мирно, и ВМРО ДПМНЕ, како и СДСМ, ги оценија како демократски. Во 20-тата година од својата самостојност Македонија положи важен испит на зрелоста.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска