1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нуди екстремен туризам и балкански тури

Силвера Падори-Кленке7 март 2013

На најголемиот саем за туризам во Берлин, Македонија ќе се обиде да го привлече вниманието со спецификите: екстремниот туризам и балканските тури со соседите. Јапонците - нови гости во византиските тури.

https://p.dw.com/p/17sHf
Фотографија: DW/Silvera Padori

На годинашнава туристичка берза во Берлин, меѓу над 10.000 излагачи од 180 земји, во халата 11 се претставува и Македонија. Со штанд на кој доминира макетата на Охридската куќа и неколкуте пултови со рекламен материјаал, презентирана е понудата на агенциите „Визит Маседониа“, Албтурс, Карачи, Максан, Бадем Тур... Настапот го организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, чиј претставник Никола Костадинов за ДВ вели дека Берлин е само еден од 17-те саеми каде годинава се претставува туристичката понуда на земјата. Адекватно со зголемената презентација, според него, расте и бројот на гости од странство. Во престојнава сезона акцентот ќе го дадат туристите од Финска и Шведска, а присуството во Берлин ќе се искористи за контакти со тукашните туроператори ГТВ, Вино Травел, ФТИ и Икарус. Идејата е и тие да се заинтересираат за организирање чартери за Македонија, кои без сомнение се мамка ако се знае дека државата субвенционира по 65 ера за секој странски гостин.
За разлика од изминативе години каде се се вртеше околу Охрид и Охридската ривиера, годинава е малку поразлично. На првиот ден од саемот освен макетата на Охридската куќа на штандот на градот Охрид немаше ни промотивен материјал, ниту пак претатвници. До раното попладне пристигна само претставник на хотелот „Инекс – Горица“, а никој од организаторите не знаеше дали и кога ќе стаса уште некој друг?!

Екстремното е привлечно!

Но, шансата да се обноват и засилат веќе постоечките контакти во Берлин сигурно нема да ја пропуштат претставниците од неколкуте туристички агенции кои веќе ги чувствуваат досегашните позитивни ефекти од европскиот и светскиот пазар. Ако во добрите стари туристички времиња Холанѓаните беа тие кои ги открија и уживаа во Охрид и Македонија, последниве години, верувале или не, земјата е откровение за вљубениците во екстремните спортови од земјите на германското говорно подрачје, но и на познавачите на византиска култура од далечната Јапонија. Покрај нив во Македонија и на Балканот доаѓаат и туристи од Австралија, Кореја, Турција.
„Од година во година е се’ подобро, барем кога станува збор за нашето искуство со туристи од Германија, Австрија, Израел, Јапонија, Тајван.. Нашата ориентација е алтернативниот туризам, природата, планинарењето, а годинава за првпат организираме бајкинг тури по екстремно тешки терени. Овој вид туризам не се работи година за година, што значи дека за туристите кои годинава тука ќе возат велосипеди на тешки терени, програмите се сработени пред една-две години. Годинава наши гости се авантуристи со велосипеди од Австрија, Германија, Израел. Има различни тури од седум дена и се вози од Попова Шапка, по патека од 18 километри до Маврово, па оттаму до Галичник. Или од Галичник до Лазарополе, па потоа Охрид. На Галичица, стартот е во Велестово,па се вози по сртот се’ до Пештани. Интересен е и Пелистер, каде трасата води од врвот до Преспанското Езеро“, вели за ДВ Стефан Керазовски, директор на „Визит Маседониа“ од Скопје. Цените на овие бајкинг тури зависат од времетраењето, услугата и бројот на гостите, зашто станува збор за специфична организација, која не е масовна и каде има максимум до 10 луѓе кои се водени од експерти. Цените на десетдневните тури за вљубениците на екстремното чинат меѓу 500 и 600 евра.

Гости од Јапонија и Австралија!

Зихангир Бадем вели дека преку „Бадем тур“ од Скопје која ја претставува во Берлин, цели 12 месеци во Македонија пристигнуваат гости , главно од Турција, Холандија, Кореа, Австралија. Има особено интересирање за т.н. „балкански тури“ низ дел од поранешна Југославија и Албанија и тоа во периодот април – мај. Гостите доаѓаат со авиони до Скопје, па шетаат со автобуси низ Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина. За туристите од далечната Австралија се нуди „комплетен Балкан“, од Загреб до Истанбул, во траење од 14 дена.
Бранко Босилков од „Албтурс - вас туроператор“ (регионална агенција со седишта во Скопје, Тирана и Приштина) подвлекува дека ова лето е петто по ред кое „византиските тури“ ги букираат групи од далечната Јапонија. Станува збор за мали групи од по 10, 15 до 20 јапонски туристи кои ги обиколуваат црквите и споменици од византискиот период од 9 до 14 век.
„Станува збор за добро разработена десетдневна програма која е резултат на дотерување според потребите и желбите на клиентите. Сега имаме производ кој е добро разработен и преку јапонскиот туроператор добро се продава. Гостите од Јапонија доаѓаат преку Виена до Приштина или Скопје. Се стартува со Прилеп и манастирот Свети Архангел и Михаил, преку Костур, Гревена и Солун, назад до Струмица, Смоларските водопади, Штип, Исарот, Баргала, Кочани и Св. Јоаким Осоговски и Старо Нагоричане, до Скопје, Матка, Нерези“, објаснува Босилков, дополнувајќи дека малку кој знае дека токму во Токио се наоѓа Катедра за византиската уметност, па честопати меѓу туристите се студенти кои имаат огромни знаења и предизвик е да им’ се одговори на сите прашања кои ги поставваат. За Јапонците ваквите тури чинат меѓу 3.500 и 4.000 евра, а во цената е опфатено буквално се’ и ниту еднаш не мора да посегнат по паричникот!

ITB 2013
Интересирање за културниот туризам во Македонија.Фотографија: DW/Silvera Padori
ITB 2013
Две години се подготвуваше бајкинг турата за екстремни терени. Стефан КеразовскиФотографија: DW/Silvera Padori