1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не очекува провокации од Грција

АМ/миа25 јуни 2012

Македонија од Грција очекува добра волја, приближување и стимулирање добри односи, а не провокации, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски, прашан за налепниците ФИРОМ на македонските регистарски таблички.

https://p.dw.com/p/15L0Z
Фотографија: MIA

„Никакви гестови кои се провокација и кои не можат да придонесат за подобрување на односите меѓу двете земји не се добредојдени“, рече Попоски. Тој информира дека МНР веќе реагирало на дипломатско ниво. Според Попоски очекувањата се дека Грција ги има предвид приоритетните прашања и сака да се фокусира на она што е значајно за регионот - соработката и поддршката на евроатлантските интеграции.

Griechenland Kreta Krise Tourismus 2011
Грција треба да привлекува, а не да ги брка туриститеФотографија: DW

„Каква било практика, која е надвор од правно пропишаните норми, претставува само сигнал за непосветеност на надминување на какви било билатерални прашања. Тоа што го имаме упатено како реакција се однесува на почитување на правната рамка, на можноста за креирање дополнителни врски меѓу нашите земји, а не поставување опструкции и провокации, кои се противправни и кои не се во согласност со она што би посакувале да видиме како гестови на добра соработка“, изјави Попоски.

Според него, се работи за индивидуални инцидентни практики, а не за воспоставено правило.

„На дневна база ја следиме ситуацијата. Постои меѓународна правна регулатива за сите прашања од практичен карактер. Оттука сметаме дека енергијата треба да биде фокусирана на делот на соработката, а не на делот на креирањето бесправни и неосновани провокации од типот лепење налепници. Во секој случај, таква практика врз регистарските таблички, кои се целосно во согласност со меѓународно-правната рамка, во никој случај нема позитивен одзив. Во овој момент Грција има приоритетни прашања, како привлекување дополнителен број туристи наместо испраќање сигнали на недобредојденост“, рече шефот на дипломатијата.

Косово ќе гради автопат до Македонија

Изјавата за Грција Попоски ја даде по средбата со својот косовски колега Енвер Хоџај. Отворени прашања меѓу двете земји нема, рекоа Попоски и Хоџај. Нивната порака е дека посакуваат сите земји од регионот да бидат дел од обединета Европа.

Karte Serbien
Косово ќе гради автопат кон Македонија, а разговарано е и за патување со лична карта, како и отворање на нов граничен преминФотографија: picture-alliance/ dpa

„Македонија за Косово е многу важен политички, економски и стратешки партнер. Македонија е една од првите земји кои не’ признаа под уставното име и со која имаме потпишано најмногу договори и спогодби, како и реализирано средби на сите нивоа“, изјави Хоџај.

„Не само што имаме заедничко историско и културно минато, туку имаме и заедничка цел - евроатлантското интегрирање“, истакна Хоџај.

Попоски и Хоџај ја констатирале неопходноста од засилување на соработката меѓу локалната самоуправа и стопанските комори, како и можноста за слободно движење на граѓаните, само со лични карти. Како што информира Хоџај, Косово летово ќе почне со изградба на автопат до Македонија. Од двете страни е дадено одобрување за отворање нов граничен премин, но воедно се дискутирало и премините Јажинце и Глобочица да бидат отворени и сертифицирани за проток на стоки.