1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија мора уште да чека!

Силвера Падори-Кленке26 јуни 2013

Отсуството на Македонија од дневниот ред на Европскиот совет за ДВ ја коментираат претставници на германската политика, според кои се бара решение на името, а се очекува придвижување и на Грција!

https://p.dw.com/p/18wGD
Фотографија: DW/S. Padori

Во изминатиТе месеци повеќемина македонски политичари престојуваа во Берлин, каде кај своите германски колеги лобираа земјата конечно во јуни да добие датум за старт на пристапните преговори. Дел од германските соговорници беа оптимистички расположени, дел манифестираа воздржаност - до песимизам. Експертите, пак, предупредуваа дека Македонија нема вистинска потпора во ниту една земја членка на Унијата и немаа позитивни очекувања од јуни. Сега е извесно - Македонија не стаса ниту на дневниот ред на Европскиот совет. На прашањето зошто е така одговараат неколкумина претставници на германската политика:

„Решето го името! Последниве години ги следиме реформите и се’ она што се случува во земјата. Македонија е секако значајна за безбедноста на Европа и Западниот Балкан. Од овој аспект, сигурно дека членството во Европската Унија е значајно. Затоа ве молам, решето го името!“, кусо забележа за ДВ Емили Хабер, државен секретар во германското сојузно министерство за надворешни работи.

Името услов и за Грција?

„Сакаме да помогнеме Македонија да стане дел од Унијата, но ЕУ има услови кои треба да се почитуаат. Доколку внатрешно-политичкиот развој е спротивен на тие услови мора да се почека. Германија има големо стратегиско трпение и е подготвена да и’ помогне на Македонија. Но, не може да се помогне само однадвор. Општствените сили, државата, парламентот, опозицијата, партиите од власта, невладините организации треба да размислат и одлучат дали сакаат да го надминат стратегискиот ќорсокак во кој се наоѓаат или сакаат да прокоцкаат уште низа години. Прашањето значи е: дали се работи за да се добие време и да се направи брз скок кон ЕУ или се оди кон внатрешно-политичка парализа? Одговорот на ова го има македонскиот народ, или поточно - политички одговорните кои треба самите да решат што сакаат“, изјави за ДВ Родерик Кизеветер, пратеник во Бундестагот (ЦДУ-ЦСУ) кој се надева дека Македонија ќе има сила да го направи потребниот исчекор.

Roderich Kiesewetter Bundestag CDU
Решавањето на името услов и за Грција? Родерик Кизеветер (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: Deutscher Bundestag

На забелешката на ДВ дека блокадата ја прави Грција, а Европа, вклучувајќи ја и Германија, ништо не преземаат, Кизеветер со коментар:

„Секако дека се обидуваме зад кулисите да влијаеме. Грција мора во спорот со името да се придвижи. Грција многу вложува во вооружување. Грција конечно сега успеа финансиско-политички да се раздвижи со регулирање на даноците и слично. Германските парламентарци очекуваат придвижување и во спорот со името. Апсолутно! Моите лични размислувања одат и во насока: можеби би требало и Грција да се услови со решавањето на спорот со името?“.

Кога може Србија, зошто не и Македонија?

„Сега фокусот е на пристапните преговори со Србија. Кога Србија и Косово се во состојба да го надминат нивниот проблем, кој додуша не е целосно решен, но е на добар пат, тогаш сметам дека е можно решение и на проблемот на Македонија со името“, коментира Јоаким Шпац, гласноговорник за европска политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот. Според него, поддршката за Македонија доаѓа од многумина парламентарци, но и од владата чија работа е од поинаков карактер и поинаку се манифестира.
„Треба да се има предвид дека има и други тешки проблеми за решавање (Грција, Кипар), но целта на Владата останува: членство на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Германија вистински и фактички стои зад оваа определба“, подвлекува Јоаким Шпац (ФДП).

Walter Kolbow, Präsident der Deutsch-Makedonischen Gesellschaft
Треба да се дебатира за грчкото вето по германските парламентарни, но пред европските избори (јуни 2014) - Валтер КолбоФотографија: DW/S.Padori-Klenke
Joachim Spatz
Сега фокусот е врз Србија - Јоаким Шпац (ФДП)Фотографија: Fotostudio de Selliers, Würzburg

За Валтер Колбо, поранешен парламентарец (СПД) и актуелен претседател на Германско-македонското друштво, одбивањето на Европа да се вклучи во решавањето на спорот со името е поврзано со финансиската криза која го затворила погледот на Унијата кон многу значајни сфери од животот на Европа.

„Според мене, една од грешките која не може да се поправи и за која во моментов може само да жалиме е што името не се разреши во времето кога сите погледи беа свртени кон Грција и кога таа очекуваше голема солидарност од Унијата. Сметам дека по септемвриските избори за Бундестагот и пред изборите за европските иснтитуции (јуни 2014) ќе мора да се покрене дебата за релативизирање на грчкото вето и конечен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. А во меѓувреме, Македонија ќе мора сериозно, навистина мошне сериозно, да се позанимава и да поработи на темата – демократија“, е прогнозата и советот на Валтер Колбо.