1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Србија со заеднички напори кон ЕУ

ЖА/макфакс18 февруари 2013

Македонија и Србија ги поврзуваат многу заеднички прашања, а постојат мали разлики, констатирано на средбата на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ во Скопје.

https://p.dw.com/p/17gOC
Фотографија: MIA

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Србија, Иван Мркиќ, кој престојува во посета на Македонија. На средбата, како што соопштија од Вила Водно, беа потврдени одличните билатерални односи, карактеризирани со континуиран политички дијалог и чести средби на сите нивоа.

Претседателот Иванов и министерот Мркиќ се согласија дека постојат огромен број на прашања кои ги поврзуваат двете земји, наспроти малиот број на прашања за кои постојат разлики, и воедно изразија задоволство што тие прашања на ниеден начин не влијаат на соработката во сите сфери од заемен интерес, кои се во постојана позитивна динамика.

Во разговорите беше истакнато дека соработката меѓу двете земји, во иднина треба да се фокусира на натамошното продлабочување на економската и трговската соработка.

Во насока на исполнување на заедничката стратешка цел, интегрирање во Европската унија, претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на Спогодбата за соработка во европските интеграции, како основа за меѓусебна соработка, помош и поддршка на патот кон ЕУ.

Nikola Poposki
Македонскиот министер за надворешни работи Никола ПопоскиФотографија: DW

Во интерес на безбедната, стабилноста и просперитетот на регионот, македонскиот претседател ја потенцираше потребата од градење на добрососедски односи и посветеност на сите земји на регионалната соработка. Притоа, Иванов го запозна српскиот министер за надворешни работи со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа.

Претходно Мркиќ имаше средба со својот македонски колега по функција, Никола Попоски. На неа тие договорија соработка меѓу владите на двете земји во однос на пристапувањето на ЕУ, со спогодбата потпишана меѓу двајцата министри во Скопје. На средбата станало збор и за најавената заедничка владина седница меѓу двете земји и можноста за создавање на мешовита комисија за економска соработка.

„Отворени прашања во регионот има, но она за што сме одлучни е да ги решаваме низ искрен дијалог помеѓу соседи, на отворен начин и со цел да ги надминеме“, изјави Попоски.

„Ние на Македонија и‘ посакуваме се‘ најдобро во претседавањето во регионалните иницијативи, особено во Процесот за соработка во југоисточна Европа, бидејќи мислиме дека сите тие акции што ние ги спроведуваме нe‘ подготвуваат за она што ни е заедничка иднина – ЕУ. Ние преку таква пракса тренираме како ќе се однесуваме кога еден ден ќе бидеме членови на тоа семејство. Што подобро во тоа ќе се извежбаме, ќе бидеме поделотворни оној момент кога ќе влеземе во тоа семејство“, рече Мркиќ по средбата со Попоски во Скопје.