1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и натаму во фокусот на Вашингтон

19 јануари 2012

Посетата на американскиот помошник заменик државен секретар Филип Рикер на Скопје нема да предизвика конкретно придвижување на работите во спорот за името, прогнозираат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/13lfw
Филип Рикер во Скопје со македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: MIA

Македонија секогаш била во фокусот на американската надворешна политика и посетата на Филип Рикер е потврда на американскиот интерес за регионот, велат аналитичарите кои ги анкетираше Дојче веле. Но тие не очекуваат значајни настани во однос на пораките што во Скопје ги испрати американскиот помошник заменик државен секретар. Рикер со своите домаќини разговараше за неколку клучни прашања.

„Поточно, разговаравме за одлуката на Меѓународниот суд на правдата од минатиот декември, разговаравме за напредокот на Македонија во евроатлантската интеграција, зборувавме за значењето на слободата на медиумите, за независноста на судството“, изјави Рикер.

US-Botschafter in Mazedonien
Филип Рикер и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, архиваФотографија: Svetislav Toevski

Пендаровски: Незадоволство од македонската пасивност

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски смета дека Вашингтон сака да го поттикне македонскиот ангажман во однос на решавање на спорот со Грција.

„Моја проценка е дека американската администрација не е задоволна од нивото, од интензитетот на заинтересираност на македонската страна и особено со последните јасни сигнали што доаѓаат од македонската влада дека самитот на НАТО ќе биде уште една изгубена прилика и тоа не заради нашата пасивност, туку заради наводната прекупираност на големите сили со економските проблеми на Грција. Тоа што јас го знам, е дека во Брисел и во Вашингтон проценките се дека лавовски дел, се разбира не комплетно, но голем дел од одгорноста зошто тој проблем се‘уште не е решен е лоциран во Скопје“, вели Пендаровски.

Чашуле: Забелешките важат за многу држави

Поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле вели дека пораките што во Скопје ги испраќаат американските дипломати можат да се применат и за други држави:

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002
Слободан ЧашулеФотографија: AP

„Затоа се држи до досегашната синтагма-да се најде решение за името и затоа како евентуална контра позиција ако се види дека НАТО, како и ЕУ, нема сила грчкото етничко чистење кон нас да го превозмогнат, да се најдат доплнителни аргументи за евентуалното незачленување во НАТО и непочнување на преговорите со ЕУ. Но, кога ќе погледнете, забелешките во однос на судството, слободата на медиумите, можат во овој момент слободно да се применат на која било европска држава, па дури и на САД“.

Регионот, особено Македонија се од стратешка важност за САД, но сенка на пријателските партнерски односи фрла фактот што Македонија подолг период е заобиколувана од најмоќните американски политичари.

САД тврдат-и натаму ќе ги поддржуваат македонските евроатлански интрегративни процеси. Од осамостојувањето на Македонија досега Америка финансирала повеќе од половина милијарда долари за изградба на демократско, пазарно оринтирано мултиетничко општество.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема