1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и ММФ - љубов, одбивност и предрасуди

Горан Петрески2 март 2007

Македонија останува врзана со Меѓународниот монетарен фонд со аранжман до 2008 – та. Што ќе биде натаму не се знае, но тешко е да се очекува дека земјата ќе се откаже од услугите на долгогодишниот финансиски ментор.

https://p.dw.com/p/AeJE
Седиштето на ММФ во Вашингтон
Седиштето на ММФ во ВашингтонФотографија: AP

Првите чекори во независноста Македонија ги направи под патронат на ММФ. Соработката датира од 1992 кога Македонија стана членка на ММФ и на Светската банка, а една година потоа земјата го склучи првиот аранжман со ММФ. Оттогаш до денес се реализирани десетина аранжмани вредни неколку стотици милиони евра, условени со бројни реформи.

Економистот Герман Филков, како долгогодишен новинар ги следи релациите на Македонија со ММФ од самиот почеток. Од времето кога се распаѓаше поранешната заедничка држава, а Македонија тонеше во четирицифрена инфалција. “Ние тогаш, ако не се лажам, имавме близу 2000% годишна инфлација. Со помош на ММФ прво инфлацијата ја доведовме до 200%, па до 50% и потоа стигнавме до едноцифрената инфлација што ја имаме денеска. Во тоа е најголемата заслуга на ММФ. Ние тогаш ниту имавме доволно изградени институции, ниту кадри кои што знаеја како. ММФ дојде и рече – ние знаеме како, ќе ви дадеме пари да се стабилизирате. Оти, на сите треба да ни е јасно дека основната функција на ММФ е да ги држи пазарите стабилни, односно инвестициите на богатите земји во другите земји да бидат сигурни и да не им пропаднат поради инфлација или други финансиски шокови.„

Инфлацијата беше зауздана, денарот стабилизиран, но реформите не тргнаа со посакуваното темпо, програмите на фондот не и овозможија на Македонија позначаен економски раст. Тоа ги подели аналитичарите во дефинирањето на улогата на ММФ во македонската транзиција. Едни сметаат дека ММФ е кочничар на развојот, кредитор што ја држи Македонија во континуирана финансиска зависност. Од другата страна се оние кои сметаат дека без ММФ, Македонија ќе поминеше многу потешко во изминатите 15 години.

Бизнисмените Благоја Самаковски и Венко Глигоров се прилично критични во оценките за ММФ и сметаат дека фондот веќе не и треба на Македонија. “Ако ММФ упорно гледа дека економијата во Македонија оди во погрешена насока и на секои шест месеци дава спротивставени изјави – од светла перпектива, до тешки критики, од имање реформи до немање реформи, од тој апсект ММФ е соучесник во, ја би го нарекол убиството, на македонската економија„, вели Глигоров. Самаковски смета: “Да ги симнеме маските, кој е тој ММФ и дали е тој добар за македонската економија. Ако е добар за македонската економија, ќе имаме резултати. Не е добар и немаме резултати“.

Актуелниот министер за финансии, Трајко Славевски има поинакво мислење.“Во овие 15 години, доколку не беше мобилизирачката улога или помошта во градење консензус за основите на економската политика во Македонија, наметната од страна на ММФ и Светската банка, Република Македонија ќе поминеше можеби стопати полошо отколку што мина во текот на транзицијата.“

Со Славевски се согласува и поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини: “Ако немаш уредени односи со ММФ, немаш односи и со Светска банка, немаш односи со Париски, ни со Лондонски клуб на доверители, немаш економски односи со никого во светот.“

Аналитичарот Суат Мисини има своја дефиниција за потребата на Македонија од ММФ: “Нашата потреба од ММФ е правопропорционална со нашата неспособност да пробаме со буџетот и економијата. “

Од тие причини, Филков сака соработката на Македонија и ММФ да потрае уште извесно време: “Јас би ги замолил да останат во Македонија уште извесно време, додека ние како граѓани не се осигураме дека парите што ги плаќаме во буџетот некој добро ги менаџира, за јавни добра, а не за некакви приватни цели. Мислам дека се‘ дотогаш ММФ ќе биде потребен.“

Во еден од последните извештаи за Македонија, ММФ оцени дека по една деценија економијата почнала да се подобрува, ја поддржа владината економска програма и и‘ порача да продолжи како досега, со стабилизациска економска политика и умерено трошење. Шефот на тимот за Македонија Марк Грифитс рече: “Во својата економска програма македонската влада има за цел постигнување на одржлив висок економски раст,зголемување на вработеноста и ниска инфлација со цел двојно да го подигне животниот стандард на граѓаните во наредните 10 до 12 години. ММФ ги поддржува овие цели“.