1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Косово ќе разменат амбасадори

6 ноември 2009

Македонија и Косово наскоро ќе назначат свои амбасадори во Приштина и во Скопје, со што ќе отворат нова фаза во меѓусебните односи, изјавија шефовите на дипломатиите на двете земји, Антонио Милошоски и Скендер Хисени.

https://p.dw.com/p/KQAs
Антонио Милошоски најавува амбасада во Приштина за три месециФотографија: AP

„Денешната средба ќе отвори нова квалитетна страница во односите меѓу Репбулика Македонија и Република Косово. Сметам дека тоа ќе им служи не само на двете земји, туку и на дополнителниот развој на стабилноста и економската соработка во регионот“, истакна македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски. Тој потенцира дека отворањето на амбасада не е веќе прашање на политичка волја, туку прашање на протокол и време и очекува таа процедура да трае два до три месеци.

Косовскиот министер за надворешни работи Хисени оцени дека со денешната прва официјална средба со Милошоски во Скопје се отвораат вратите за нова поинтензивна соработка меѓу двете земји, а партнерството што ќе го изградат, како што вели, ќе служи како модел за позитивен пристап за соработка меѓу земјите во регионот.

Демаркацијата на границата и потенцијалите за економска размена, како и досегашните политички релации се одличен пример за соработка на двете соседни земји во регионот, заклучиле двајцата министри. Тие посочија и дека на средбата било разговарано за натамошното интензивирање на соработка, при што посебен интерес бил искажан за енергетиката, трговијата и полициската соработка. Од македонска страна била афирмирана и поддршката за заинтересираноста на Косово за вклучување во регионалните иницијативи за соработка.

Хисени, во рамките на својата прва официјална посета на Македонија, денеска (06.11.2009) се сретна и со македонскиот со претседател Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски. Косовскиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со потпретседателот на македонското Собрание Рафиз Алити, како и со претставници на албанските парламентарни партии.

Автор: АТ/ЕМФ/миа