Македонија и Косово воспоставија дипломатски односи
18 октомври 2009Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека документот во Скопје го потпишал македонскиот министер Милошоски, а неколку часа подоцна во Приштина и косовскиот шеф на дипломатијата Хисени. Во него е наведено дека двете страни се заложуваат за зајакнување на пријателските врски врз основа на меѓусебно почитување на националниот суверенитет, независноста и територијалниот интегритет.
„Во телефонскиот разговор на двајцата министри, по официјалното потпишување на Коминикето, беше истакнато заемното задоволство од овој чин, нагласувајќи дека воспоставувањето дипломатски односи ќе придонесе за натамошното развивање на соработката, во интерес на мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Милошоски и Исени начелно договориле билатерална средба во блиска иднина, во насока на продлабочување на политичките контакти помеѓу двете земји.
Косово е 127 земја со која Република Македонија воспоставила дипломатски односи под уставното име. Македонија ја призна независноста на Косово на 9 октомври минатата година, но воспоставувањето дипломатски односи беше одложувано, меѓу другото, и поради отвореното гранично прашање.
Автор: ЖА/ТТ/миа