Македонија и Германија одат понатаму
23 јануари 2009Македонските ракометари го постигнаа она што многумина до пред два дена можеби и не веруваа дека ќе се случи - се пласираа во вториот круг натпревари благодарение на победата против Русија. По наизменичното водство во првото полувреме на двете екипи, ракометарите на Македонија во вториот дел имаа целосна контрола на играта.
И Германија е изненадување
По завршувањето на првиот круг натпревари во групата „Ц“ Македонија е на третото место, на второто е Полска, а Германија, заслужено на првото место. Ваквата позиција на германската репзентација, за дел од набљудувачите во Германија, пред се‘ за експертите за ракомет, е по малку и неочекувано, зашто ретко кој пред почетокот на првенството очекуваше така силна екипа. Капитенот на Германија, Михаел Краус со оценка: „Секогаш верувавме во нас и знаевме дека имаме многу млади играчи, но играчи кои се мотивирани, кои на секој тренинг даваат се‘ од себе, кои сакаат да играат и тоа е голем плус за екипата која сраснува .“
Дванаесет екипи се борат за медали
Германија, Полска и Македонија, сега се заедно во вториот круг натпревари во т.н. Втора група, каде доаѓаат уште репрезентациите на Србија, Данска и Норвешка. Во т.н. Прва гупа ќе играат Хрватска, Шведска, Јужна Кореја, Франција, Словачка и Унгарија. Учество во полуфиналето ќе обезбедат двете првопласирани екипи, додека останатите ќе се борат за пласман од петтото до дванаесеттото место.