1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Бугарија ќе ги продлабочуваат односите

БГ/миа4 декември 2012

Шефот на македонската дипломатија Попоски испрати позитивен одговор на писмото од бугарскиот колега Младенов. Скопје и Софија ќе градат нови мостови на соработка.

https://p.dw.com/p/16vbJ
Фотографија: AP

Република Македонија високо ја цени поддршката што Република Бугарија во континуитет и ја дава од осамостојувањето до денес, а во тој контекст и поддршката на процесот за проширување на ЕУ. Трајна определба на Република Македонија, е заедно со Република Бугарија, да градат заедничка иднина во европските и евро-атланските структури, која на двата блиски народа ќе им овозможи благосостојба, просперитет и мир.

Ова се наведувa во одговорот на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски до неговиот бугарски колега Николај Младенов, по писмото со кое Младенов предложи три мерки со кои би се обезбедила бугарската поддршка за евроинтеграцијата на РМ.

Во писмото Попоски изразува посебно задоволство од тоа што шефот на бугарската дипломатија цени дека предлозите во писмото кое тој му го упатил, се солидна основа за рамката на активности која ќе ги зајакне односите меѓу двете држави.

„За таа цел, веднаш би пристапиле кон формирање на заедничка работна група. Посакувам бугарските и македонските претставници да се состанат во најкраток рок, наведува Попоски.

Тој предлага оваа работна група „да ги синтетизира или операционализира целите и активностите во една општа рамка или патоказ“.

„По операционализација на тематските групи од домените на взаемен интерес, би можеле да пристапиме и кон формирање на Висок совет во формат на годишни заеднички седници на респективните влади. Ваквите искуства се исклучително позитивни и би биле најдобра потврда за негување на блиски, пријателски и искрени односи меѓу две соседни земји, додава министерот Попоски.

Bulgarien Außenminister Nikolaj Mladenow
Николај МладеновФотографија: AP

Тој на крајот ја потврдува определбата за унапредување на добрососедските односи и за градење мостови на соработка со Република Бугарија, заедничка европска иднина, базирана на европските принципи и вредности и со почитување на меѓусебните чувствителни прашања.

Младенов минатата недела во писмо до Попоски предложи три чекори за нормализација на односите меѓу двете земји, за да се осигура поддршката на Бугарија на македонската интеграција во ЕУ. Првиот чекор е да се потпише спогодба за добрососедски односи и соработка, која ќе биде според највисоките европски стандарди и ќе се базира на Декларацијата што во1999 година ја склучија двете земји. Вториот чекор би бил изградба на неопходна инфраструктура за засилена соработка, како и создавање заеднички работни групи за подобрување на односите во клучните области. Како трето Софија предлага формирање на совет на високо ниво во форма на годишни меѓувладини средби.