1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија избира

5 јуни 2011

Сите 2.976 гласачки места во Македонија се отворени навреме. Гласањето за парламентарните избори почна во 7 часот и ќе трае до 19 часот, период во кој правото на глас ќе можат да го остварат 1.821.122 избирачи.

https://p.dw.com/p/11UbF
Фотографија: MIA

Избирачите својот глас можат да го дадат за 18 кандидатски листи на кои има 1.679 кандидати за пратеници во македонското Собрание.

Државната изборна комисија (ДИК) вчера (04.06) ги повика македонските граѓани во што поголем број да излезат и слободно да гласаат на предвремените парламентарни избори.

„ДИК ги повикува сите граѓани и гласачи во што е можно поголем број, слободно, масовно и мирно да излезат утре на гласачките места и слободно да го дадат својот глас за оној за кој самите ќе одлучат. Кај ниеден гласач не треба да постои никаков страв. Гласањето е тајно и тајноста на гласањето е гарантирана. Гласачот од никого не може да биде откриен за кого гласал, ниту, пак, треба да биде прашан за кого гласал, а исто така никој не може да биде земен на одговорност за гласот што го дал“, рече претседателот на ДИК Борис Кондарко на прес-конференција.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Тој нагласи дека во интерес на демократски и фер избори никој не смее да биде принудуван како да го даде својот глас, дали воопшто да излезе на гласање, ниту да биде заплашуван за тоа како и за кого ќе гласа.

„Слободното и тајно гласање, неповредливоста на определувањето на слободната волја на секој граѓанин е битно за сите нас, за Република Македонија, за заедничката иднина на државата и одговорноста е заедничка на сите. Во таа насока, интересот за мирни, слободни и демократски избори е врвен приоритет и на ДИК и на целата наша држава“, рече Кондарко.

Тој предупреди дека кривичните санкции за какви било изборни неправилности и манипулации, злоупотреби и нерегуларности, се многу строги и високи.

Повик до граѓаните да не се плашат и да излезат на праведни и фер избори упатија и амбасадоротите на САД, ЕУ и Велика Британија во Македонија, Филип Рикер, Петер Соренсен, и Кристофер Ивон. Тројцата амбасадори изјавите ги дадоа на прес-конференцијата на граѓанската асоцијација МОСТ. „Многу е битно каков белег ќе оставиме како граѓани утре на денот на гласање. Изборите да бидат слободни и фер. Белегот што ќе го оставиме е битен за иднината на Македонија. Ние како амбасада и ОБСЕ ќе ги набљудуваме изборите и се надеваме дека на крајот ќе имаме позитивни извештаи од тоа каков белег имаме оставено на изборите“, рече американскиот амбасадор Филип Рикер.

Филип Рикер и Петер Соренсен
Филип Рикер и Петер СоренсенФотографија: MIA

Евроамабсадорот Соренсен, пак, нагласи дека политиката на Европската унија е да соработува со било која влада која ќе дојде по утрешните предвремени парламентарни избори. „Сите ние како општество се надеваме дека ќе оставиме демократски белег за слободни и фер избори. Знаеме дека можете да го достигнете тоа како општество“, истакна Соренсен.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Парламентарните избори во Република Македонија ги следат 7.851 набљудувач акредитирани во Државната изборна комисија, од кои 7.358 домашни и 493 странски. Од странските најбројни се на ОБСЕ/ОДИХР 234, на Парламентарното собрание на ОБСЕ 47, на Амбасадата на САД 39, делегацијата на Европската комисија 20 и на Советот на Европа 16, а свои набљудувачи ќе имаат и амбасадите на Франција, Словенија, Велика Британија, Русија, Чешка, Австрија, Турција, Кина, Унгарија, Хрватска, Италија и на Словачка во Скопје, Централната изборна комисија на Косово и на Меѓународната кризна група.

Меѓу домашните набљудувачи најмногу се од Граѓанската асоцијација МОСТ 4.467, а преостанатите се од Здружението на хуманитарни активности Синергија 1.123, Едукацион плус Македонија 937, Младински иницијативи за дијалог и соработка 550, Македонскиот центар за меѓународна соработка 251, ЦИВИЛ 23 и Институтот за демократија Сосиетас сивилис.

Автор: ЕМФ/ТТ/миа/макфакс

Редактор: Трајче Тосев