1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија играше „демоде“ ракомет

Златко Калински22 јануари 2013

Во просторот од 9-то до 16-то место, ракометната репрезентација на Македонија го заврши настапот на Светското првенство во Шпанија. За постигнатато за Дојче веле зборуваат Ристо Магдинчев, Пепи Манасков и Томе Петрески.

https://p.dw.com/p/17Oij
Фотографија: Imago

Македонија на мундијалот отпатува како една од најдобро пласираните селекции на последното Европско првенство. Со состав, кој го краси квалитет, искуство и долгогодишно заедничко играње. Амбициите беа за дострел подобар од 11- то место на Светското првенство во Хрватска во 2009-та година. Познатиот ракометен тренер Ристо Магдинчев е со ваква првична оценка за постигнатото:

„Мислењето би го поделил во два дела.Сметам дека е успех, што бевме учесници на Светското првенство. Но, резултатски тоа беше неуспешно! Победивме против Чиле и Катар, селекции кои се објективно многу послаби, одигравме нерешено со Русија, против Исланд, Данска и Германија загубивме. Пропуштивме шанса за подобар пласман. Очекував многу повеќе“.

Handball WM 2013 - Deutschland vs Mazedonien Achtelfinale
Од најавите за играње помодерен ракомет не видовме ништо, вели МанасковФотографија: Getty Images

Пепи Манасков, големото македонско ракометно име, е со став дека Македонија потфрли.

„Репрезентацијата не го даде својот максимум. Ја немаше својата препознатливост , а и се случуваа многу осцилации во играта. Победите против Чиле и Катар не се воопшто репер за успех. Иако стручниот штаб најавуваше темпирање на формата за најважниот натпревар во групата против Исланд, токму во него играта беше катастрофално лоша“, оценува Манасков.

За Томе Петрески, екс-репрезентативец на Македонија, пласманот во 1/8 финалето треба да се оцени како успех, а за квалитетот на прикажаната игра вели:

„Очекував, многу подобра игра. Се најавуваше дека ќе се игра побрзо, дека ќе се игра помодерен ракомет, но од тоа не видовме ништо. Во модерниот ракомет потребно е да се има играчи за играње и во одбрана и во напад. Ние такви играчи немавме доволно. Моравме да правиме по 2-3 замени за секоја од овие ситуации, што противниците знаеја умешно со контри и полуконтри да ги искористат“.

Магдинчев гледа повеќе причини за ваквиот резултатски епилог.

„Не ја научивме лекцијата од минатото, со исправање на грешките од претходните натпреварувања. Сметам дека беше погрешно селектиран тимот. Во него мораше да останат искусните Алушевски и Анѓелов. За мене не е во ред да се подмладува репрезентацијата на 20-тина дена пред настан, каков што е светското првенство. Мислам дека и спрегата меѓу играчите и тренерот не беше на највисоко ниво. Играта на Македонија беше добро простудирана од противниците. Им беше важно да ги оневозможат Кире Лазаров и Наумче Мојсовски. Во тоа успеаја, а ние немавме противигра“, вели Магдинчев.

Mazedonien Risto Magdincev
Ристо Магдинчев укажува на тоа дека лекциите од минатото не се научениФотографија: DW

Манасков ја коментира играта на репрезентацијата со оценка дека само против Русија се одигра добро.

„Паднавме и физички и психички и тактички. Само против Русија во завршницата се одигра добро, но според мене тоа беше премалку. Селекторот не наметна вистинска, своја стратегија. Се’ беше некако безидејно во играта. За мене ова беше „демоде-ракомет“, нагласува Манасков.

Според Петрески, премногу се дава значење на тоа како е воден македонскиот состав.

„Слушам секакви коментари - дали тимот го води селекторот или ’главни’ се Лазаров и Мојсовски. Мислам дека сосема непотребно се прави проблем од тоа. И во поголеми репрезентации и тимови заеднички се договара начинот на играње. Кај нас од тоа се прави голема фама. За мене многу поважно е да се унапреди играта, да се игра побрзо и поедноставно и постепено да се подмладува составот“, вели Петрески.

Нашите соговорници се едногласни дека по неуспешните квалификации за Олимписките игри, поради недоразбирањата што се случуваа во меѓувреме, а кои имаат свои резултатски последици, треба да и’ се посвети на репрезентацијата многу поголемо и посериозно внимание. Особено од страна на Ракометната федерација. Настапот на мундијалот во Шпанија треба да биде силен и неодминлив повод. Како натаму, организациски и кадровски!