1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија заслужува укинување на визниот режим

Тони Гламчевски26 ноември 2008

Европратениците сметаат дека Македонија заслужува целосна либерализација на визниот режим. И покрај констатираниот напредок во реформите, постои ризик тоа да не се случи во 2009 година. Главната причина е политичка.

https://p.dw.com/p/G1oW
Германска визаФотографија: DW

Македонија е единствената земја од Западен Балкан, која во извештајот на Европската Комисија добива главно позитивни оценки околу подготвеноста за укинување на визниот режим. За ова се свесни и во Европскиот парламент, чии претставници постојано го нагласуваат истото. Германската европратеничка Дорис Пак, за Македонската програма на Дојче Веле, изјави дека Македонија со воведените биометриски пасоши и потпишаниот договор за реадмисија, направила многу повеќе од останатите земји од регионот. Пак смета дека сега на потег е ЕУ. Тоа според нејзе го очекуваат и обичните луѓе кои сакаат конечно да можат без проблеми да патуваат низ Европа.

Претседателот на пратеничката група на европските либерали и демократи, Греам Вотсон, изјави дека неговите сопратијци водат кампања за либерализација на визниот режим, пред сé за младите во Македонија. Тој подвлекува дека доколку се сака да се создадат услови за траен мир на Балканот, постои обврска да се направи сé што е можно за интегрирање на Македонија.

Неправедна и неразбирлива одлука

Дорис Пак потсетува дека Европскиот парламент веќе од поодамна се залага за укинување на визите и тоа не само за Македонија, туку и за другите балкански земји. Парламентот постојано има чувство дека она што го прави министерскиот совет на ЕУ по ова прашање е неправедно, вели Пак и додава дека сепак одлуката ја носат министрите за внатрешни работи на ЕУ. Тие според неа се оние кои сега треба да направат голем исчекор. „Не можам да сфатам зошто тоа се прави за Русија, но не и за Македонија, Србија, Црна Гора или Албанија“ – нагласува Пак.

Doris Pack
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Инаку во нацрт извештајот на Европската Комисија се оценува дека Македонија демонстрирала политичка волја и ја завршила задачата за обезбедување на документи во согласност со стандардите на ЕУ. Добар напредок е постигнат и на планот на управувањето со границите, како и во делот на азилот и миграцијата.

Комисијата е задоволна и од имплементирањето на договорот за реадмисија. Земјата направила значајни напори и во областа на јавниот ред и безбедноста и располага со широка законска регулатива околу организираниот криминал, борбата против корупцијата итн.

Пречката и натаму е од политички карактер

Иако постојат сé уште технички и законски недостатоци, како на пример во делот на заштита на правата на Ромите или ратификација на конвенцијата на Советот на Европа за трговија со луѓе, сепак, најголемата пречка за укинување на визите и понатаму е од политички карактер. Франција, заедно со Германија и Шпанија, имаат огромни резерви кон ова прашање. Според дипломатски кругови во Брисел, постои ризик Македонија визите за Македонија да бидат укинати дури во 2010, а не во 2009 година како што претходно се најавуваше.