Македонија заслужува покана во НАТО
6 април 2008Без разлика на неуспехот на самитот во Букурешт прашање на време е кога Македонија ќе влезе во НАТО, оценува во разговор за Дојче Веле Чарлс Купчан, професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун и поранешен директор за европски прашања во американскиот совет за безбедност во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.
Купчан вели дека одлуката да не и се додели покана на Македонија поради грчкото вето не е добра за регионот, но смета дека таквиот проблем може да се надмине многу брзо доколку се реши спорот за името со Грција.
„Мислам дека не е добро што проблемите околу името го спречија приемот на Македонија во НАТО. Мислам дека Македонија целосно заслужува да биде во актуелниот бран на проширување со Албанија и Хрватска, и сметам дека е многу важно за регионот во време кога нови нестабилности се појавуваат поради отцепувањето на Косово од Србија и влијанието на тоа отцепување врз српската политика. По таквите настани беше потребно стабилизирање и сметам дека доколку сите три земји добиеја покани тоа ќе беше некаква гаранција за безбедноста. Сепак верувам дека прашањето за името ќе биде решено во не толку далечна иднина и дека вратата на НАТО ќе и биде отворена на Македонија преку тие преговори“.
Купчан очекува дека американската администрација ќе остане инволвирана во напорите да се реши проблемот меѓу Македонија и Грција, а временската рамка за решение, според него е до завршувањето на мандатот на Џорџ Буш во Белата куќа. Македонија, вели тој, не се соочува со никакви безбедносни закани во моментов, а најавениот биталерален договор со САД го смета повеќе за симболичен чин.
„Мислам дека во Вашингтон на овој билатерален договор се гледа како на симболичен чекор за да и се компензира на земјата поради тоа што не беше вклучена во бранот проширување во НАТО. Во моментов нема надворешни закани со кои Македонија се соочува и како резултат на тоа гаранциите од САД би требало да се доволни за земјата да остане на една цврста и безбедна позиција до решавањето на проблемот со името и нејзиното конечно вклучување во НАТО“.
Купчан е оптимист дека Македонија набрзо ќе стане дел од НАТО и од ЕУ. Според него единствената непознаница и најголемата опасност во регионот е кој пат ќе го избере Србија по изборите во таа земја во мај годинава.