Македонија „жилаво” се справи со кризата
24 ноември 2009„До сега Македонија добро се справува со кризата. Таа особено лошо не се рефлектираше врз финанскиот сектор. Македонија е меѓу земјите, во кои годинава регистриравме релативно низок економски пад. Но, кризата се’ уште не е надмината. Ова значи дека во финансискиот сектор уште прилично долго време ќе има проблем со кредитирањето и прашање е како ова ќе го разрешат институците. Поради овие причини гледаме споро опоравување во наредната година”, изјави Џеромин Цетелмејер, директор на одделот за политички студии на Европската банка за обнова и развој. Тој во Берлин го презентираше извештајот за транзицијата, кој се занимава со ситуацијата и кризата во 28 земји од Европа и Азија.
И 2010 критична
Во документот на повеќе од 300 страници се говори за таканаречениот транзиционен јаз, којшто е создаден со кризата и се анализираат во детали економските показатели. Цетелмејер ги коментира и состојбите во земјите од Балканот, кои се рефлексија на случувањата. Според него, кризата различно се рефлектираше во одделните земји од Балканот. Албанија на пример спаѓа во групата земји кои до сега успеаја да го одбегнат економскиот понор. Во Македонија падот беше релативно мал. Кај Бугарија, Романија и Србија бројките се негативни.
Профит за Балканот зависи и од опоравувањето на ЕУ
Како ќе се одвива кризата во наредната година, Цетелмејер вели дека зависи главно од три фактори. Еден е како понатаму ќе се одвива кредитирањето во финансискиот сектор и како банките од регионот со него ќе се справат. Втор сегмент е како финансискиот исход на крајот на годината ќе се одрази врз фискалните проблеми во наредниот период и третиот фактор е надворешната побарувачка. Инаку за 2010 ЕБРД очекува позитивен пораст во повеќето балкански земји. Ако кризата се надмине на просторот на ЕУ, од тоа ќе профитира и регионот.
Директорот од ЕБРД потсети дека главната причина за кризата во балканските држави беше нивната извозна зависност од европските земји. Оттаму економскиот пораст во земјите на ЕУ, ќе им помогне на земјите од Балканот да излезат од кризата. Прашање е меѓутоа, дополнува Џеромин Цетелмејер како ќе се однесува ЕУ и колку во наредната година ќе биде во состојба фискално да ја обезбеди и покрие побарувачката.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Александра Трајковска