1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија е сериозна“

23 јуни 2009

По посетата на Македонија, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Луис Мариа де Пуч е задоволен од сериозноста со кое е сфатено идното претседавање на Македонија со Комитетот на министри на СЕ.

https://p.dw.com/p/IWzl
Луис Мариа де ПучФотографија: MIA

Претседателот на ПС на СЕ, Луис Мариа де Пуч е задоволен од од посетата на Македонија. „Ќе ви речам дека пронајдов не само коректно расположение, туку и ентузијазам кон Советот на Европа. “

Во разговорите со домаќините тој зборувал за, според него, „малите постоечки проблеми“ во македонската демократија, политичкиот амбиент, дијалогот меѓу опозицијата и владата, како и некои аспекти поврзани со проблематиката на малцинствата.

„Во мојата интервенција пред Собранието, реков се‘ она што ПС на СЕ мисли дека треба да се подобри во Македонија. Имав совршен прием и ангажирања во однос на нашите барања. Ни‘ беше ветено дека ќе се напредне во деловите од законодавната област, како на пример законите поврзани со изборите, правосудството и серија политички мерки кои се во насока на нашите барања. Затоа, се вратив многу задоволен од посетата.“

Luis Maria de Puch und Trajko Valkanosvski
Од посетата на Де Пуч на Македонија (на фотографијата со претседателот на македонскиот парламент Трајко Вељановски)Фотографија: MIA

Со оглед дека Македонија за нешто помалку од една година, во мај 2010, го презема претседавањето со извршниот орган на СЕ - Комитетот на министрите, разбирливо е дека тоа прашање била една од темите за кои се разговарало.

Амбасадор е потребен под итно!

„По Словенија и Швајцарија, Македонија е таа којашто ќе претседава. Ние започнавме да работиме веќе на подготовките на тоа претседателство и можев да констатирам дека тоа е сфатено сериозно и се чувствува дека таа сака ова претседателство да успее. Од моја страна, посакувам тоа претседавање да биде успех и за Советот на Европа“, вели Луис Мариа де Пуч.

Претседавањето со Комитетот на министрите на Советот на Европа, за една земја како Македонија може да се покаже многу корисно за нејзината меѓународна афирмација и посебно за зајакнување на нејзините позиции. Но, под услов ако тоа претседавање е добро однапред подготвено. Затоа, многумина во Стразбур советуваат Македонија да назначи што е можно побрзо амбасадор на местото на досегашниот амбасадор, чиј мандат истече во април. Земјата не смее да си дозволи да нема амбасадор само десетина месеци пред преземањето на претседателството, бидејќи таа треба да смета и на непредвидени ситуации и кризи, како на пример кризата со која раководи актуелното словенечко претседателство.

Криза во Советот на Европа

Словенија се соочува со внатрешна криза на Советот на Европа, откако ПС на СЕ одби да гласа за избор на Генерален секретар на СЕ. Имено, парламентарците од 47-те земји членки на СЕ, не се согласуваат со претставниците на нивните влади кои заседаваат во Комитетот на министрите, околу начинот на кој беа селекционирани кандидатите за Генерален секретар.

Europarat Straßburg
Советот на ЕвропаФотографија: picture-alliance / dpa

ПС на СЕ е незадоволно од менувањето на правилата за селекција на кандидатите во текот на изборната постапка од страна на Комитетот на министрите, потоа недавањето на ниту една причина за начинот на изборот или елиминирањето на кандидатот, исто како и за соочувањето со неможноста политички да се избира, бидејќи двата преостанати кандидати се со иста политичка боја. По одбивањето да гласаат на јунската сесија за нов Генерален секретар, изгледа дека Комитетот на министрите е подготвен да направи отстапки, но тогаш гласањето би требало да се одржи во септември.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска